ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од членовите на Советот на јавни обвинители
Негативни оценки од ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ за извештајот за работата на Советот на јавни обвинители на матичната собраниска комисија
Владејачката коалиција го направи првиот чекор во обидот да биде распуштен Советот на јавни обвинители при денешната расправа за извештајот на ова тело. ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ најавија дека нема да го поддржат овој извештај и побараа оставка од членовите на Советот, велејќи дека „огромно мнозинство од граѓаните го очекуваат тоа“.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ негативно го оценија Годишниот извештај за работата на Советот на јавни обвинители за 2023, особено критикувајќи го делот во кој се наведува дека Советот постигнал „значителни резултати во работењето“ и дека „позитивно се оценети извештаите од сите јавни обвинителства“. Извештајот и работата на Советот на јавните обвинители го критикуваа и пратениците од коалицијата „Вреди“.
Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата за политички систем и односи со заедниците, се обрати кон претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска, велејќи дека огромното мнозинство граѓани очекуваат оставки од членовите на ова тело и оти срамно е на ваков рејтинг во правосудството никој да не поднесе оставка.
„Немате авторитет и капацитет да воспоставите јавнообвинителски систем“, рече Пренџов, најавувајќи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ негативно ќе го оцени нивниот Годишен извештај.
Антонијо Милошоски посочи дека има и политичка одговорност во однос на кадрите во правосудството потсетувајќи на случајот на со Изет Меџити, кој поднесе оставка, откако беше осомничен во случај со подмитуање. За Мемети, кажа Милошоски, да стане член на Советот на јавни обвинители се гласаше во Собранието со 61 глас. Се чудевме, рече тој, зошто најмалку на десет дена доаѓаше да се консултира со поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери. Тој рече дека Мемети беше 16 години Народен правобранител, а бил и министер за правда и адвокат.
„Видовме со што се занимавал. Со продажба на правда за пари“, рече Милошоски.
Беким Ќоку од „Вреди“ исто така кажа дека нема да дадат зелено светло за Извештајот на Советот на јавни обвинители, поставувајќи низа прашања поврзани со случаи во кои се инволвирани членови на Демократската унија за интерграции, како струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, но и други.
Претседателката на Советот на јавниот обвинител Димитриевска го презентрираше извештајот посочувајќи дека има недостаток на обвинители и оценувајќи дека се постигнати значителни резултати во работењето. Исто така таму се наведени и случаи во кои тие постапувале.
Меѓу другото, таа рече дека Советот на јавни обвинители нема овластување да врши директен и непосреден надзор во постапувањето на јавните обвинители во јавните обвинителства, туку дека тоа е исклучива надлежност на повисоките јавни обвинителства.
„Оценувањето на квалитетот и законитоста во работењето на јавните обвинители го врши Јавниот обвинител на соодветното јавно обвинителство, а Советот одлучува по вложениот приговор на добиената оцена, што значи дека Советот одлучува по вложениот приговор на добиената оцена, што значи дека Советот, исто како и во дисциплинските постапки, и во овој случај постапува како второстепен орган по вложените жалби“, истакна Димитриевска.