ВМРО-ДПМНЕ од Охрид: Доаѓа време на промени, проекти и победи
Доаѓа времето на промени, проекти и победи- порача од Охрид лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, засилен со присуството на кандидатите за градоначалници, освен Данела Арсовска која се декларира како независна и затоа седеше во публиката. Според него Охрид заслужува повеќе од ова сега. Откако предупреди на „тројански елементи во опозицијата“ на кои не треба да им се верува, тој порача дека со нив (СДСМ) иднината е хаотична,несреќна и апатична, па ги повика гласачите да создадат нова иднина со ВМРО-ДПМНЕ во која оптимизмот ќе ја победи рамнодушноста.
-Ова се навидум локални избори. Но ако се погледне подлабоко, се нешто повеќе од тоа. Од нив зависат многу работи, сите поврзани со иднината на нашата Македонија. На овие избори или ќе продолжи државата да функционира на ваков начин како изминатите години и ќе бидеме сведоци на уште продлабочена корупција, хаос, нефункционирање на системот, отсуство на одговорност, немање правда, социјални и економски проблеми и стагнација на државата, експериментирање во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделците, или ќе создадеме сите заедно една нова поинаква, различна, подобра иднина. Иднината ако продолжи оваа власт јасно е каква ќе биде. Прашањето на кое сите ние треба да си одговориме на овие избори е дали сме подготвени да им подариме уште нови 4 години на истите луѓе кои веќе два пати, брутално два пати ги изневерија очекувањата, рече Мицкоски.
Во говорот кој звучеше како за парламентарни избори, тој порача дека Македонија е уморна од политичари кои зборуваат за се и сешто, а не кажуваат ништо.
-Уморна е Македонија од криминал, деканденција и корупција. Од судбини на семејства кои пропаѓаат, од тоа брат од брата си да се дели и да заминува во странство. Уморна е нашата Македонија од политичари кои не влечат надоле и се грижат само за своите паричници. Уморни сме од статистики како сме дното, а ги имаме најдобрите умови кои успеваат штом ќе ја помминат границата. Уморен е нашиот народ од читање на вести, пратење на црна хроника, од приказни од кои срцето кине. Уморна е оваа земја од живеење во минатото. Уморна е Македонија од крпен живот, од животот на вересија и рати и затоа велиме доста е. Доста е, и на овие локални избори ќе покажеме дека навистина е доста.Затоа драги пријатели, да зборуваме за иднината. Јас зборувам за иднината која ќе донесе сигурност, која ќе обезбеди подеднакви можности. Време е за нова страница, за нова борба, за нов патриотизам кој што ќе не обедини, рече Мицкоски..
Кирил Пецаков, кандидатот за градоначалник на општина Охрид, најави како што рече „без нималку двоумење победата и мнозинствотво во Советот на Градот Охрид“ – и тоа уште во првиот круг.
-Охрид е лулка на ВМРО и стожерот на Македонија, нашата сила е во тоа што сме сите заедно, народот е нашата сила. Имаме план за Охрид како да се развива во следните години. Ние сме тие кои имаме обврска да ја градиме светлата иднина на Охрид, гарантираме проекти за промени и победи. Град во кој младите треба да го гледаат својата иднина, град кој треба да блесне со сиот свој сјај, град атрактивна туристичка дестинација. Ќе го направиме економски силна општина со сериозни проекти и инвестиции, со буџет креиран од страна на граѓаните согласно нивните потреби, ќе се бориме за секое работно место, нови инвестиции, индустриска зона во која локалните компании ќе најадат интерес и за отворање на нови работни места со што ќе се сопре ислеувањето. Ќе ја подобриме инфрастуктурата, ветувам изградба на ново модерно основно училиште, изградба на градинка, поддршка за спортот и спортските клубови, нови мултифункционални современи игралишта“, рече Пецаков.
Кандидатот за градоначалник вети и поддршка на угостителскиот сектор посебно во справување со пост ковид последиците, за сите кои се занимаваат и живеат од туризмот, поттикнување на здравстевен туризам, поддршка на културни и верски манифестации.Охрид, рече Пецаков, ќе биде безбеден град, а по победата приоритет ќе биде реконструкција на инфраструктура, а капитални проекти ќе има во целиот мандат.
„Промените, проектите и победите се гледаат. Главата горе охгриѓани, ние одлучуваме. Не смееме да останеме заглавени во хаосот создаден од актуелната власт. Ние нудиме нов почеток, замена на апатијата со надеж и активост. Гарантирам знаење, отчетност, чесна и транспарентна работа. Сега треба да застанеме цврсто, гордо и достоинтвено. Победата на 17 октомври е тука и наша уште во првиот круг. Охрид ќе има раководство необременото со хипотеки и пазари, приоритет ќе бидат граѓаните. Од Охрид ќе започне промената“, порача Пецаков.