ВМРО-ДПМНЕ: Маричиќ уште првиот ден се огради од македонското малцинство во Бугарија


Маричиќ уште првиот ден  се огради од македонското малцинство во Бугарија, додека клима со главата на бугарските барања за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ на претходната изјава на министерот за евроинтеграција Бојан Маричиќ по средбата со германската гостинка Ана Лирман.

„Изјавата на Маричиќ е дека нема да се меша во малцинските права во Бугарија. Прашуваме: Кој друг освен Македонија да се интересира за правата на Македонците во Бугарија? Дали изјавата на Маричиќ значи дека ќе побара Бугарија да не се меша во правата на малцинствата во Македонија? Срамно и недостоинствено е однесувањето на потпретседател на Влада кое преставува продолжување и континуитет на срамните политики на заевизмот“, порачаа од оваа партија.  p>Маричиќ рече дека не е на Северна Македонија да кажува каде какво малцинство има во регионот, бидејќи тоа е внатрешно прашање на сите држави, вклучувајќи ја и Бугарија. Тој на прес-конференцијата со  Лирман, рече дека останува праксата на немешање во внатрешните работи на други држави, што е уставна обврска. 

„Секоја група луѓе или етничка заедница или политичка партија или здружение има право да си ги бара своите правата преку Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права и преку Европската конвенција за заштита на човековите права. Во таа смисла изјаснувањето и дефинирањето на тоа каква етничка заедница егзистира во која било држава во регионот, во овој момент не би било продуктивно. Ние се водиме од европските принципи и практики и така ќе остане“, рече Маричиќ.

Инаку Маричиќ на позицијата го замени Никола Димитров, кој пред неколку дена објави дека се разишол околу некои ставови во врска со Бугарија со останатите функционери што инволвирани во спорот и дека министерот Бујар Османи сака по секоја цена да постигне решение и затоа не му верува. Денес нема информација дали Димитров се појавил на примопредавањето на функцијата на Маричиќ .