ВМРО-ДПМНЕ критикува за парите за ЕСМ и МЕПСО, а со амандмани бара нови буџетски средства


Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со изјава во која критикува за префрлените буџетски пари на ЕСМ и МЕПСО попради прогласената кризна енергетска состојба, а во исто време најави амандамни за Предлог-буџетот за 2022 година со кои бара кон ЕСМ да се префрлат дополнителни средства заради избегнување на ценовен шок.

Бране Петрушевски, пратеник на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека „македонскиот народ е посиромашен за 4 милијарди денари, кои поради т.н. ‘кризна состојба’ ќе се испумпаат од државниот буџет и ќе се префрлат на сметката на АД ЕЛЕМ (ЕСМ) и АД МЕПСО, за да можат и во иднина вака неуспешно да работат на нашиот грб“.

Тој посочи дека со 4 милијарди денари се градел половина блок во РЕК Битола или пак се било каков енергетски објект кој во моментов добро ќе ни дојдел.

„Но, за жал Владата на СДСМ и ДУИ одбра да го реши проблемот со недостаток на струја од домашно производство на наједноставен начин за нив, а тоа е да го осиромашува народот“, рече Петрушевски.

Но, во истата изјава тој рече дека пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за „Обнова на Македонија“ поднеле амандмани со цел намалување на ефектите на кризата која ни претстои.
Така, како што рече бараат „да се префрлат средства во АД Електрани на Македонија со цел цената за домаќинствата и малите потрошувачи да остане непроменета“.

„Дополнително бараме од нашите колеги од власта да покажат разбирање и за правните субјекти кои набавуваат електрична енергија на слободниот пазар и на нив да им обезбедиме финансиска поддршка во овој критичен период. Повисоки цени на електрична енергија кај фирмите, значи поскапи цени на сите производи што ги купува секој од нас“, рече тој.
Следен амандман кој го имаат поднесено се однесува на финансиска поддршка на домаќинствата кои ќе набават агрегати за електрична енергија. 

„Состојбата со енергетската криза е алармантна, а СДСМ и ДУИ се однесуваат ноншалантно и воопшто не се загрижени поради една единствена причина. На крајот граѓаните ќе го платат цехот за нивните грешки“, рече Петрушевски.