ВМРО-ДПМНЕ ќе може да го дава имотот под закуп, но не ќе може да ги користи парите

„Белата палата“ и останатиот имот (68 недвижнини) на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште останува замрзнат, односно партијата не може и не смее да го продава, но од денеска ќе може да го издава под закуп.
Денеска, Кривичниот суд, поточно судијката Даниела Алексовска-Стојановска надлежна за случајот „Талир 2“, ја замени постоечката мерката за забрана за закуп, со нова мерка, забрана за располагање со средствата од закупот. Ова значи дека партијата ќе може да го изнајмува имотот под кирија, но не смее да ги користи парите, објави „Фокус“.
„Предлогот за укинување на привремената мерка за издавање под закуп се заменува со мерката, забрана за располагање со парите добиени од закуп, одлучи судијката Алексовска Стојановска.
На ваквата замена на мерките за обезбедување на имотот беше согласна и обвинителката Ленче Ристоска.
„Останувам на наводите искажани на записник, во кои се противам за укинување на привремените мерки за обезбедување на имотот. Предлагам замена на мерката имотот да се става под закуп, односно истата мерка да се замени со привремена мерка, забрана за располагање со средства од закуп, со што би се задолжил сопственикот на имотот, средствата од закупот да ги уплаќа на посебна сметка и да не може да располага со нив се до завршување на кривичната постапка“, истакна обвинителката Ленче Ристоска.
Одбраната, пак, бараше целосно одмрзнување и располагање на партијата со имотот.
Цели шест години трае судењето за случајот „Талир 2“, отворен уште во времето на СЈО. Доколку до следниот август не биде донесена правосилна пресуда, случајот ќе застари.
Пред три години беше наложена и конфискација на партискиот имот, но становите и нивите никогаш не се префрлија на име на државата, бидејќи пресудата падна на Апелација поради скандалозните измени на Кривичниот законик.
По направената преквалификација на обвинението, судењето почна од почеток. Во меѓувреме од прогон се спаси Божиновски, за кого делото застаре, а кривичниот прогон за Груевски и партијата продолжи, пишува „Фокус“.