ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ за самоизолација бидејќи не гласаше за најголемата влада досега
Од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението ги прозваа пратениците на СДСМ и претенденти за претседателското столче во партијата, Венко Филипче и Славјанка Петровска поради реакцијата по гласањето за проширување на владата со нови министерства, што се случи во сред ноќ, низ брза процедура, со поддршка на Демократската унија за интеграција и што е најважно – без да се каже колку ќе ја чини државата.Според нив станува збор за важен системски закон.
„СДСМ полека станува изолирана партија бидејќи не поддржаа системски закон, иако огромното двотретинско мнозинство на пратеници го гласаа. Нормално против беше Венко Филипче, кој да беше тендер на Пановски веднаш ќе го поддржеше исто како кога беше министер. Исто како и Славјанка Петровска која во својата кариера е позната по гафови и несреќни изјави. Тие од трката за лидер на СДСМ направија пародија и низ призмата на нивната борба носат одлуки во Собранието“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера, по гласањето на Законот, на социјалните мрежи се огласи ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, која ја прозва ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи дека токму партијата која победи на изборите, за само десет дена, три пати ги погазила зборот.
„Каде сте ‘патриотчиња’? Каде сте, кај отидовте? За вас плаче… На власт се, не ги барајте! ДПМНЕ + ДУИ “, пишува Петровска во објавата на Фејсбук.
Венко Филипче,пак, напиша дека ВМРО-ДПМНЕ ја изневерила довербата која им била дадена од граѓаните, но и дека кампањата која тие долго време ја водеа против Демократската унија за интеграции се претворила во договор за гласање чија цена допрва ќе се види.
„Ветувањето за помала администрација се претвори во плус четири министерства, без никаква оправданост или дебата. Целта е повторно дил за поделба на власта. Ветувањето за намалување на задолженоста се претвори во најава за земање кредит од милијарда евра. Допрва ќе видиме и зад ова каков дил се крие. Ветувањето за подобри договори во меѓународната политика се претвори во отворање на веќе затворени проблеми и прашања. Едноставно катастрофа“, напиша Филипче.