ВМРО-ДПМНЕ имаше митинзи во Берово и Делчево. Мицкоски зборуваше што се случува во СДСМ

Изборниот карван на ВМРО-ДПМНЕ попладнево и вечерва беше на истокот на Македонија. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, зборуваше во Берово и Делчево.
„Ние на овие избори излеговме со прецизна програма, со рокови, за прецизни работи неопходни за граѓаните, а од нив не слушнавме буквално ниту еден проект. Нивната кампања им се потпира исклучиво на политичкиот гуру на нивниот претседател Венко Филипче, а тоа е Зоран Заев. Тој велеше дека ќе одел во политичка пензија, а гледаме како буквално грчевито се бори да си ја одбрани инвестицијата во СДСМ, исто како што ги брани инвестициите во Дубаи. За овие луѓе политиката е бизнис, а за нас е начин како да им помогнеме на граѓаните“, рече Мицкоски во Берово.
Во Делчево тој зборуваше за состојбата во СДСМ и однесувањето на претседателот на партијата, Венко Филипче.
„Сакам да обрнам внимание на еден парадокс кој се случува, гледајќи ја кампањата на нашите конкуренти. Го слушам Венко како на државава ѝ се случувало цунами, од лошо – полошо. Бил загрозен домот, семејството, луѓе почнале да се иселуваат, имало нечесни игри, ама судиите биле професионалци. Инфлацијата галопирала и не знам што уште не. Каде беа тие пред година и половина, тие заедно со ДУИ беа власт седум години. Ние почнавме од темелите. Сменија име, устав, донесоа двоцифрена инфлација, профитираа од тендери, дури и од вакцини правеа профит. Ветуваа дека ќе ги донесат Фејсбук и Гугл, а единствената инвестиција беше таа во фабриките за марихуана“, рече Мицкоски.
Се прашувам, рече Мицкоски, „дали човеков е свесен дека ако се слушнат говорите и настапите на Венко кога тие беа власт и сега кога се опозиција, тоа се два комплетно различни света“.
„Венко на власт и Венко во опозиција е различен за 180 степени, или сега е Венко против Венко. Проблем е што мислат дека со ваквите настапи ќе ја продолжат истата песна и мислат дека народот има кратко помнење, но не е така“, рече Мицкоски.