ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Љупчо Николовски дека потрошил 976.000 денари во ресторани како министер за земјоделство
Нарекувајќи го „Љупчо Дон Николовски“ пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски денеска изјави на прес-конференција дека поранешниот министер за земјоделство потрошил 976 илјади денари по ресторани.
„Љупчо Дон Николовски за три ипол години колку што бил министер за земјоделство потрошил 976.199 денари во кафеани и ресторани.
Кога ќе ги поделиме тие пари на 42 месеци, доаѓаме до сума од 23.400 денари, пари кои Дон Николовски ги трошел на кафеани. Ова го презентираме вака за и самиот Дон Николовски да сфати дека месечно во кафеани трошел по една плата, со која во државава живеат цели семејства.
На масата на Дон Николовски често се наоѓале јадења како телешки мускул, чаден лосос, ракчиња и разни морски плодови, а се пиеле и скапи вина како ‘Алшар’ од по 3500 денари шише“, рече Петрушевски.