ВМРО-ДПМНЕ: Фуркан сам си призна дека носел пиштол и дека придонел за ескалација


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се огласи преку соопштение во врска со вчерашното апсење на новинарот Фуркан Салиу и праша зошто СДСМ е засегната партија во овој случај. Оттаму ја потсетија владејачката партија на претходна изјава на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и ја обвинија дека води лицемерна политика.

„Оливер Спасовски од СДС, во ситуација кога беше нападнат од навивачи полициски началник, изјави: ‘Нападот кон полицаец, е напад кон државата’. Оттука прашањето до СДС, зошто за СДС нападот врз полицаец, за кој се сомничи Фуркан Салиу, не е напад врз државата? Што е различно во овој случај? Наместо да води лицемерна политика, СДС одговорите нека ги побараат во признанието на самиот Фуркан Салиу кој призна дека поседувал оружје и дека со своето однесување придонел кон ескалација на настаните. Зошто СДС е засегната партија во овој случај? Дали СДС заговара непочитување на законите?“,реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

По приведувањето за време на инциденти на вчерашниот фудбалски натпревар, новинарот на порталот „Икс“, Фуркан Салиу, доцна синоќа излезе од полициска станица. Во изјава за медиумите тој кажа дека смета оти е ослободен само затоа што работи како новинар и дека во спротивно би завршил во притвор. Салиу образложи дека на натпреварот настанал целосен хаос, а полицијата била без координација и почнала да тепа недолжно момче. Тој додаде дека снимал како полицијата тепа момче кое воопшто не учествувало во нередите, по што го уапсиле и него. Негираше дека нападнал полициски службеници.

Во однос на пиштолот Салиу обвини дека откако е приведен му бил претресен приватниот автомобил во негово отсуство. Тогаш полицијата му го пронашла пиштолот, за кој рече дека имал дозвола и го чувал расклопен, како што сметал  дека треба да се чува.Претходно, МВР соопшти дека Салиу е еден од приведените на фудбалскиот натпревар меѓу ФК „БВК Коњаре” и ФК „Куманово”, во селото Средно Коњари, поради напад врз полициски службеници.

По реакцијата на јавноста и на новинарските здруженија кои побараа итно ослободување на Салиу, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски повика да не се прави притисок врз полицијата, зашто, како што подвлече, таа еднакво постапувала при секој напад. ВМРО-ДПМНЕ побара целосно да се расветли случајот со Салиу и нагласи дека ја брани и во целост ја почитува новинарската дејност и слободата на новинарите да известуваат и да пишуваат за настаните и темите од јавен интерес, без какви било пречки. И ВМРО-ДПМНЕ бара целосно расветлување на случајот со апсењето на новинарот Фуркан Салиу

За владејачкиот СДСМ, пак, апсењето на Салиу е доказ „дека ВМРО-ДПМНЕ го вратиле ВМРО-МВРО на најбезобразен начин“. Портпаролот Дарко Каевски синоќа на вонредна прес-конференција пред полициската станица во Гази Баба апсењето го оквалификува како брутален и недемократски чин и побара ослободување на новинарот.

Салиу деновиве е актуелен со серијата стории во кои обелоденува документи за кои тврди дека покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план за обезбедување документи, но и за пласирање лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период беа објавувани во емисијата „Објектив“ на Македонската радио-телевизија (МРТ). Опозициската партија и јавниот сервис ги негираа наводите. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека станува збор за фалсификувани документи.