ВМРО-ДПМНЕ бара од СДСМ да не го анализира поразот на Орбан


Фото: Б. Грданоски

 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ се однесувал како да е партија во некоја друга држава, а не во Македонија.

„Филипче и СДС отидоа до таму, повеќе да ги следат, анализираат и да ликуваат на избори и изборни резултати во туѓи држави, отколку во сопствената. Наместо да се занимаваат со внатрепартиска анализа како партијата ја доведоа до околу 130 илјади гласа, Филипче и ова раководство, се радуваат на победата на партијата Тиса во Унгарија, која е член на Европската народна партија, каде што е членува и ВМРО-ДПМНЕ.

За да биде апсурдот уште поголем, сестринската партија на СДС и член на Партијата на европски социјалисти освои само 1,18% од гласовите, што е нешто слично со рејтингот кој партијата го има во Македонија и е многу близок до рејтингот на Филипче“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија нагласуваат дека очекуваат соработката на државно ниво со Унгарија да продолжи да се развива и продлабочува по поразот на Орбан и им ја честита изборната победа на партијата Тиса и Петер Маѓар.