Влажни коловози и одрони на патиштата во дебарскиот регион, се препорачува внимателно возење


 Дождот, кој со различен интензитет,  врне деновиве, во дебарскиот регион, предизвикува помали одрони на патиштата во ова подрачје, поради што се препорачува внимателно возење.

– Засега има помали но чести одрони од камен и земја. Поради тоа, но и влажните коловози се препорачува внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација, порачуваат од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.

Екипи на секцијата се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот.

Под надлежност на оваа секција се патишта во должина од над 110 километри: делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.

Вообичаено на патниот правец Дебар – Маврово најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти и Јанче, месноста Ростушки Мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста „Сенечки ливади“, на патот кон Струга кај месноста „Три чешми“ (Манастирец).

Дождот поволно ќе се одрази во зголемувањето на нивото на акумулацијата Дебарско Езеро на ХЕ “Шпиље”.