Влатко Стефановски и „Кроација рекордс“ ја собраа музичката елита во Скопје (галерија)

Скопската промоција следува по промоцијата на Guitar Sing и Muscle Memory во Сплит, каде беше Стефановски беше одликуван со престижната награда Porin Special Merit Award


Фото: Б. Грданоски

Македонската промоција на двете најнови албумски остварувања на Влатко Стефановски  – Guitar Sings, инструментален албум, и Muscle Memory, нов студиски проект, во организација на најголемата дискографската куќа во регионот „Кроација рекордс“ од Загреб, денес, во хотелот „Холидеј ин“ привлече големо внимание  во културната и музичката јавност, во присуство на министерот Љутков, бројни медиуми, некогашни и сегашни менаџери, пријатели, соработници и љубители на неговата музика. Скопската промоција следува по нивното неодамнешно претставување во Сплит, каде беше одликуван со престижната награда Porin Special Merit Award, како признание за неговиот особен придонес кон хрватската музика.

Фото: Б. Грданоски

Високите гости од „Кроација рекордс“ , чиј долгогодишен ексклузивец е токму Стефановски, уредничката Клаудија Чулар и извршната директорка Маја Видмар Клариќ, заедно со Иван Бечковиќ, од „Кроација рекордс Македонија“ на промоцијата потенцираа дека Стефановски е уметник чие творештво ги надминува границите на една средина – неговиот музички јазик, авторитет и креативна доследност оставија силен белег во бројни соработки, меѓу кои Хрватска зазема посебно место. 

Фото: Б. Грданоски

– Стефановски во текот на повеќедецениската кариера изгради автентичен и препознатлив музички израз во кој природно се испреплетуваат етно-џезот, инструменталниот рок, џез-фјужн и блузот, силно проткаени со наследството на традиционалните македонски ритми. Токму овој уникатен спој го направи симбол на македонската музичка култура, но и еден од најценетите гитаристи на меѓународно ниво. Особена чест ни е што токму со Влатко Стефановски соработуваме на значајни изданија од неговата богата кариера“,  рекоа претставниците на „Кроација рекордс“.
 
Фото: Б. Грданоски

По шест години од претходниот студиски албум (Taftalidze Shuffle), „Кроација рекордс“ го објави новиот – „Muscle Memory“ (Мускулна меморија), кој на 14 мај ќе биде објавен и на винил. Новиот студиски албум „Мускулна меморија“ има девет нови песни, кои стилски се движат помеѓу прогресивен рок и фјужн, со препознатливите виртуозност и емотивна изразност, што со децении го обележуваат неговото творештво. На албумот има пет вокални и четири инструментални композиции. Познати инструменталисти се гости на албумот: Звјездан Ружиќ на мелотрон, Дамир Имери на клавијатури, Горан Папаз на саксофон, како и постојаните членови на неговото трио Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас-гитара.

Фото: Б. Грданоски

Овој албум излегува веднаш по неговиот инструментален албум „Гитарата пее“, на кој Стефановски на посебен начин ги изведува најголемите хитови на Ѓорѓе Новковиќ во соработка со Лондонскиот симфониски оркестар.

Покрај новите изданија од соло кариерата на Стефановски, познатата дискографска куќа од Загреб објави и винилни реизданија на албуми на „Леб и сол“ – „Као какао“ во 2023 и „Путујемо“ во 2026. 

Фото: Б. Грданоски

Иако стилски и концепциски различни, Стефановски  денес истакна  дека овие два албума ја отсликуваат неговата музичка и авторска подвоеност, што се провлекува низ неговата кариера.

Фото: Б. Грданоски

„ Во шега знам да кажам дека дури и да им предложам да објавам албум со тишина, мислам дека ќе го прифатат проектот. Тие имаат разбирање за сите мои инструментални фантазмагории, а имаат интерес и за вокалните нумери што ги работам. Како автор имам подвоеност во себе – во исто време свирам нешто што е блиску до фјужн музката и прогресивниот рок, а  од друга страна имам потреба да напишам и некаква балада, која е блиску до рок и поп изразот. Таа моја подвоеност никогаш не успеав да ја помирам, што е веројатно добро. Затоа што јас сум гитарист што пишува песни, текстови, пишува поезија, на некој начин, а од друга страна сум поет кој, како што вие ќе кажете, виртузоно свири гитара. Тие два мои принципа добро се надополнуваат, изјави Стефановски.

Фото: Б. Грданоски

„Иако секогаш сум задржал скромност, јас не се потценувам себеси. Знам до каде сум и кај сум стигнал во некои музички нивоа. Со секое излегување на мој нов албум, ја проверувам листата на албуми и запишав во телефонот дека ‘Мускулна меморија‘ е 39. издание под мое име како автор“, рече денес Стефановски.

Фото: Б. Грданоски

Гитарскиот виртуоз,  на крајот од промоцијата, на задоволство на гостите,  на мала акустична гитара „Мартин“, подарок од „Кроација рекордс“ ја отпеа „Чукни во дрво“ од албумот „Путујемо“ објавен во 1989 и реиздаден годинава,  и доби силен аплауз . (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски