Власта и опозицијата во војна со соопштенија: Сега Бугарите се криви за покачувањето на струјата?


 
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ цело утро се допишуваат со соопштенија на тема – кој е крив што поскапе струјата за домаќинствата, притоа обвинувајќи се едни други за ценовниот шок што го доживуваат граѓаните во Македонија. 
 
„Ги слушаме претставниците на ВМРО Ванчовистичка во јавните настапи како зборуваат за внесување на Бугари во Устав. Дали сега за поскапувањето на струјата се виновни Бугарите?
Или е виновен претседателот на СДСМ, Венко Филипче, Заев Заев кој 5 години е во полтичка пензија? Дали е виновен некој друг од СДСМ? Секогаш некој друг е виновен за криминалот и корупција на ВМРО Ванчовистичка.
 
Сега излегле со најново ‘сензационално’ сознание: Бугарите се виновни што нема мазут. Виновни се и што поскапе струјата. Наскоро ќе бидат други виновни и што недостига една милијарда евра во буџетот“, реагираа од СДСМ околу новата цена. 
 
За ВМРО-ДПМНЕ пак СДСМ нема кредибилитет да зборува за ова.
 
Со кој кредибилитет СДС зборува за зголемувањето на цената на електричната енергија?

Тие можеби забораваат, ама народот добро памети колкави сметки за струја плаќаше во време на власта на СДС. Поради колапсот и неспособноста да менаџираат со електроенергетските капацитети, како криминалните тендери со кои се богатеа, за седум години власт, СДС ја поскапе струјата за 50%. Вистинското место на кое СДС може да се обратат за состојбите во енергетиката се нивните функционери и поставени кадри да го пљачкаат енергетскиот сектор.

Затоа што парите од овој, за нив, профитабилен бизнис се во криминалните тендери кои СДС преку нивните раководства во енергетските компании, си ги местеше, за што над 50 нивни функционери се со кривични пријави, меѓу кои и Васко Ковачевски кој е во бегство со украдените пари.

Од целиов синџир на криминални тендери, не изостанува ниту претседателот на, сега душегрижникот СДС, Венко Филипче. Па затоа го прашуваме од каде му е службеното луксузно ‘ауди’ и каква е неговата врска со Енис Колашинац кој ЕСМ го снабдуваше со јаглен за време на власт на СДС и бугарската фирма“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ тврдејќи дека за разлика од нив владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ посветено работи на консолидација и развој на енергетскиот сектор.

„За таа цел продолжуваат големите инвестиции, меѓу кои и последната од пред неколку дена каде што беше потпишан договор вреден 97 милиони евра за реализација на фотонапонската електрана ‘Битола 3’ и за ревитализација на хидроелектраните. Тука се и ветерниот парк во Богданци во 37,6 милиони евра, како и големата инвестиција на ‘Алказар енерџи’ во Штип и околината во вредност од околу 500 милиони долари.

Паралелно на ова, за граѓаните да не ги осетат потешкотиите и да го заштити нивниот стандард во периодот на консолидација на енергетскиот сектор, Владата одлучи да ги субвенционира сметките на струја на граѓаните. Од друга страна, зголемувањето на цената на струјата во Македонија е најниско во Европа, а СДС тие што цело време лажеа и ширеа паника дека ќе има дупло поголемо зголемување“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.