Владата нема министер за привлекување на инвестиции, критикува ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја критикува новата Влада затоа што е без министер за странски инвестиции, како и дека од земјава се одлеваат странски инвестиции.
„Во текот на вториот квартал од 2020 година, вкупните директни инвестиции во Македонија бележат одлив од 9,3 милиони евра. Ова е доказ дека владата не носи инвестиции, туку и ги брка постојните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од оваа партија додаваат дека од почетокот на годината до денес во државата нема ниту една нова инвестиција, и капиталот што влегува е реинвестиција на постоечките капацитети, кои се дојдени и инвестирале во државата благодарение на политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
„Епилогот на ова е драстичен раст на невработеноста“, се вели во соопштението до медиумите, при што се додава дека Државниот завод за статистика вчера објави податок дека бројот на работници во индустријата во периодот јануари – јули оваа година во споредба со лани е намален за 4,6 отсто.