Италија успешно ја брани титулата гигант во производството на тестенини
Тестенините завршуваат на чиниите во најразлични форми, како што се шпагети, фусили, пенне или таљатели, но без оглед на тоа во Европската Унија, убедливо најголемата количина тестенини се произведува во Италија.
Според податоците од европската статистичка служба Евростат, само минатата година во Италија се произведени 4,2 милиони тони различни тестенини. Тоа беше 69 проценти од вкупното производство во ЕУ, кое изнесуваше 6,1 милион тони.
На второ место според производство во Европа е Шпанија со 379.000 тони, или шест проценти од вкупното производство. По неа следува Германија со 304.000 тони, или пет проценти од производството во ЕУ. Тоа не беше доволно за нејзините потреби, па затоа увезе уште половина милион тони, главно од Италија.
Вкупното производство на тестенини во светот е околу 17,3 милиони тони. Огромна количина тестенини произведени во ЕУ се без јајца, 82 проценти.
Во Италија, уделот на тестенини со јајца бил 17 проценти, а во Шпанија само два проценти. Голем исклучок е Германија, каде што речиси половина од произведените тестенини (46 проценти) биле со јајца, што е во согласност со готвачката традиција на Централна Европа.
Податоците објавени во медиумите по повод Светскиот ден на тестенините, 25 октомври, покажуваат дека Италија е најголемиот извозник на тестенини во ЕУ и дека Италијанците се убедливо најголемите потрошувачи. Просечно еден граѓанин на Италија јаде речиси 23,5 килограми тестенини годишно.