Расположението на европските потрошувачи на најниско ниво во изминатите пет месеци
Расположението на потрошувачите во Еврозоната во октомври падна на најниско ниво во изминатите пет месеци , според истражувањето на Европската комисија. Граѓаните се повеќе се загрижени за високите трошоци за живот и инфлацијата, што ја намалува нивната куповна моќ.
Индексот што ги мери очекувањата на потрошувачите во еврозоната падна во октомври за 1,1 поен во споредба со септември, на минус 17,9 поени, според месечниот извештај на Европската комисија. Влошување е забележано и на ниво на целата Европска унија, каде што индексот падна за 1,2 поени, на минус 17,3 поени. Како резултат на тоа, расположението на потрошувачите повторно се оддалечи од долгорочниот просек на ЕУ, според Комисијата.
Граѓаните се особено загрижени за високите трошоци за живот и инфлацијата, што ја намалува нивната куповна моќ. Според податоците од Европскиот завод за статистика, потрошувачките цени во еврозоната се зголемија за 3,8 проценти во септември, највисоко во изминатите три години.
Поради зголемувањето на цените, кризата со домувањето и дотраената образовна и здравствена инфраструктура, граѓаните излегоа на улиците во Франција, Белгија, Австрија, Шпанија, Грција, Италија и Португалија. Европската комисија спроведе анкета од 1 до 21 октомври во 26 земји-членки на Европската унија, односно во сите членки освен Естонија.
Анкетата опфаќа 99,8 проценти од вкупната финална потрошувачка во ЕУ и еврозоната. Комисијата ќе објави сеопфатен извештај за очекувањата во економијата на Европската унија и еврозоната на крајот од месецот.