Владата на Шолц го загуби гласањето за доверба во Бундестагот


 

Германскиот Бундестаг му изгласа недоверба на канцеларот Олаф Шолц. Од вкупно 717 гласа, 207 му дадоа доверба на Шолц, 394 не, а 116 беа воздржани.

Планот на Шолц беше да ја изгуби довербата за да го отвори патот за нови избори на 23 февруари.

Трипартиската коалиција на Шолц пропадна минатиот месец откако либералните Слободни демократи се повлекоа од кабинетот, оставајќи ги неговите социјалдемократи и Зелените без парламентарно мнозинство, токму додека Германија се соочува со продлабочена економска криза.

Шолц подоцна ќе побара од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер да го распушти парламентот.

Штајнмаер, кој минатиот месец изјави дека „на оваа земја ѝ треба стабилно мнозинство и влада која е способна да дејствува“, има 21 ден да ја донесе таа одлука. По распуштањето на парламентот, изборите мора да се одржат во рок од 60 дена.

Во пракса, кампањата е веќе наголемо во тек, пишува АП.