Висока мода во Сараево: Ана Стојановска во најсексапилна тоалета досега
Македонската актерка Ана Стојановска е најсексапилната гостинка која прошета годинава по црвениот килим на Сараево филм фестивал, кој е во тек, еден од најпочитуваните во регионот, традиционално со славни личности и оскаровци како лауреати или добитници на „Почесното срце на Сараево“.
Таа за премиерата на „Кајмак“ во Сараево избра минималистички, но ултра впечатлив асиметричен долг црн фустан, со топ во горниот дел и длабок пресек кај струкот и колковите, што дополнително ја нагласи нејзината вита става и топ-форма. Заради впечатливата креација, актерката избра префинета фризура и минималистичка шминка која и ги истакнуваше преубавите светли очи.

Таа изгледаше како божица меѓу режисерот Манчевски, колегата Филип Трајковиќ и продуцентот Јане Ќортошев, кои избраа полежерен летен стил за црвениот килим.

Ана Стојановска заедно со Сара Климоска, лани, во октомври, блеснаа со модерниот стил на црвениот килим на 35.Меѓународен филмски фестивал во Токио, по повод светската премиера на „Кајмак“ на Манчевски. Тогаш стилист и беше Катарина Ивановска и носеше потпетици Stuart Weitzman, палто Markov, панталони Maison Margiela, и чанта Aleksandar Mcqueen.

Стојановска, беше впечатлива и за скопската гала премиера на „Кајмак“ , лани, во ноември, со избор на деколтирана тоалета, со длабок шлиц.
„Кајмак“ овој месец продолжува со успешниот фестивалски живот, а на 23 август ќе биде и американската премиера на 33-то издание на Синеквест во Калифорнија, еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, специфичен по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. До крајот на август и почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште четири европски фестивали. (Л.С.)


