Висок руски генерал убиен во борбите во Украина

Генералот Андреј Суховецки, кој учествувал во војните во Чеченија и Сирија, наводно бил бил убиен од украински снајперист. Смртта ја потврди негов руски колега офицер


 

Висок руски генерал беше убиен за време на жестоките борби во Украина, што беше голем удар за руската инвазија.

Генерал-мајор Андреј Суховецки, кој беше заменик-командант на 41. комбинирана армија на рускиот централен воен округ, беше убиен вчера додека украинските одбранбени сили ја одбија руската офанзива.

Руското Министерство за одбрана сè уште официјално не ја потврди неговата смрт, но на социјалните мрежи го објави неговиот колега Сергеј Чипилјов, а неколку руски и украински весници нашироко објавија за тоа, пишува „Дејли мејл“.

Воен извор потврди дека тој бил убиен од „снајперист“ и предложил во сабота во Русија да се одржи погреб на генерал-мајорот – убедливо највисокиот Русин убиен во конфликтот досега.

По неколкудневно негирање, Кремљ вчера призна дека 498 негови војници биле убиени, а 1.600 биле повредени во „специјална воена операција“ во Украина, но вистинската бројка е речиси сигурно поголема.

Украинските вооружени сили, пак, денеска соопштија дека руската војска претрпела 9.000 жртви – иако во соопштението се признава дека пресметката на бројот на загинати е „комплицирана поради високиот интензитет на непријателствата“.

Чипилјов, од Сојузот на руските падобранци на воздухопловните сили, претходно денеска на социјалните мрежи ја потврди смртта на Суховецки како можеби најсигурен доказ за смртта на генералот.

„Со голема болка ја примивме трагичната вест за смртта на нашиот пријател, генерал-мајор Андреј Александрович Суховецки, во Украина за време на специјална операција. Изразуваме длабоко сочувство до неговото семејство“, се вели во соопштението.

47-годишниот беше ветеран од висок ранг, кој беше назначен за заменик командант на 41. дивизија во октомври 2021 година.

Пред тоа, тој три години командуваше со 7. воздушно-десантна јуришна дивизија во Новоросијск и заврши неколку борбени ангажмани во чеченската војна, Абхазија и интервенцијата во Сирија.

Суховецки двапати учествуваше на Парадата на победата на Црвениот плоштад во Москва и беше награден со два Ордени за храброст, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.

Тој доби и посебни пофалби за неговото учество во руската анексија на Крим.

Неговата загуба во Украина ќе се смета за уште еден охрабрувачки знак дека руската инвазија не напредува според планираното, пишува „Дејли мејл“.