„Вирџин Галактик“ доби одобрение од ФАА за лет со човечки екипаж во вселената


„Вирџин Галактик“ се натпреварува за превласт во вселенскиот туризам со „Спејс Икс“ на Елон Маск и „Блу Ориџин“ на Џеф Безос

Американската вселенска компанија „Вирџин Галактик Холдинг“, сопственост на милијардерот Ричард Бренсон, соопшти дека добила одобрение од американскиот регулатор за воздушна безбедност (ФАА) за лет во вселената на човечки екипаж, по успешниот пробен лет што беше изведен минатиот месец.

-Денешното одобрение од ФАА ни дава самодоверба додека напредуваме кон нашиот прв пробен лет летово со комплетен екипаж, изјави Мајкл Колглазиер, извршен директор на „Вирџин Галактик“, пренесоа британскиите медиуми.

„Вирџин“ го реализира својот прв лет со екипаж во вселената во мај од своето ново домашно пристаниште во Ново Мексико, откако неговото летало „Space Ship Two”, што може да прими шестмина патници, безбедно слета на пистата со своите двајца пилоти.

Одобрението на Федералната администрација за авијација на САД (ФАА) доаѓа во критичен момент за Бренсон, бидејќи неговиот вселенски потфат се соочува со конкуренција преку вселенската компанија на Џеф Безос, основачот на Амазон.