Вилијам Андерс, астронаут на „Аполо 8“, кој го сними Изгревањето на Земјата, загина во пад на авион
Пензионираниот генерал на 90 години управувал мал авион кога исчезна во морските води на државата Вашингтон

Пензионираниот генерал-мајор Вилијам Андерс, поранешниот астронаут на „Аполо 8“, кој ја сними познатата фотографија Изгревање на Земјата на која планетата беше прикажана како засенчен син мермер од вселената во 1968 година, загина во петокот кога авионот со кој управувал сам паднал во водите кај островите Сан Хуан во државата Вашингтон. Тој имаше 90 години.
„Семејството е уништено“, рече неговиот син, пензиониран потполковник Грег Андерс, кој ја потврди смртта за Асошиетед прес. „Тој беше одличен пилот и ужасно ќе ни недостига“.
Поранешниот астронаут рече дека фотографијата е неговиот најзначаен придонес во вселенската програма, со оглед на еколошкото филозофско влијание што го има, заедно со тоа што се погрижил да функционираат командниот модул и сервисниот модул на „Аполо 8“.
Околу 11,40 часот пристигна извештај дека авион од постар модел паднал во водата и потонал во близина на северниот крај на островот Џонс, изјави шерифот на округот Сан Хуан, Ерик Питер.
Сенаторот од Аризона, Марк Кели, кој исто така е пензиониран астронаут на НАСА, напиша на социјалната платформа Икс: „Бил Андерс засекогаш ја промени нашата перспектива на нашата планета и нас самите со неговата позната фотографија од изгрејсонце на ‘Аполо 8’. Тој ме инспирираше мене и генерации астронаути и истражувачи . Моите мисли се со неговото семејство и пријателите“.

Вилијам Андерс во интервју за орална историја на НАСА во 1997 година рече дека не мислел дека мисијата „Аполо 8“ е без ризик, но дека има важни национални, патриотски и истражувачки причини за продолжување. Тој процени дека има околу една од три шанси екипажот да не се врати, исти шанси мисијата да биде успешна и исти шанси мисијата да не започне. Тој рече дека се сомнева дека Кристофер Колумбо пловел со полоши шанси.
Андерс еднаш го раскажа искуството како дел од документарецот на Би-Би-Си за мисијата. Тој се присети како Земјата изгледала кревко и навидум физички безначајно, но сепак била дом.
По две или три орбити околу Месечината, тој и екипажот почнаа да снимаат фотографии.
„Одевме наназад и горе-долу, навистина не ја видовме Земјата или Сонцето, и кога одевме наоколу го видовме првото изгрејсонце“, рече тој. „Тоа секако беше најимпресивното нешто. За да го видам ова многу деликатно, шарено топче, кое за мене изгледаше како украс на новогодишна елка што се појавува над овој многу остар, грд лунарен пејзаж навистина се контрастираше“.
„Не знам кој го кажа тоа, можеби сите рековме: ‘О Боже. Погледни го ова!’“, рече Андерс.
„И дојде Земјата. Немавме дискусија на терен, немавме брифинг, немавме инструкции што да правиме. На шега реков: ‘Па, не е во планот за лет’, а другите двајца момци ми викаа да им дадам фотоапарати. Ја го имав единствениот фотоапарат во боја со долга леќа. Така, му префрлив црно-бело до Борман. Не можам да се сетам што доби Ловел. Сите тие викаа за камери “.
Фотографијата од возбудливиот вител на животот што е Земјата на позадината на црниот простор и преден план на здодевна, безживотна месечина стана икона на патувањето во вселената и дефинирачка слика на нашиот жив свет и неговата кршливост.