Вилата „Водно“ доби нов станар и нова политика


Кратки, релативно студени погледи и куртоазно ракување. Воздржаната протоколарна средба на црвениот килим за примопредавање на претседателската функција пред вилата „Водно“ меѓу стариот и новиот шеф на државата – Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски – експлицитно го отслика деценискиот судир на двата различни политички концепта.

Иванов, многу кратко, неколку минути го чекаше Пендаровски на платото пред претседателската резиденција каде што беше пречекан со сите државни почести. Пред да излезе од својот автомобил новиот шеф на државата помина покрај таблата на која сè уште пишува „Претседател на Република Македонија – кабинет“, како последно сведоштво за отсуството од реалноста и инсистирањето на Иванов до крај да го демонстрира тврдокорниот став околу промената на името.

Се поздравија, разменија два-три збора и се качија на малата бина од каде што го слушаа интонирањето на македонската химна од воениот оркестар. Се поклонија пред знамето и се упатија кон влезот на резиденцијата. Тука Пендаровски се запозна со тимот соработници на Иванов, а му претстави и дел од своите нови луѓе од доверба. Двајцата одржаа 45-минутна тет-а-тет средба, а потоа новиот домаќин го испрати до врата стариот станар.

Ова беше прво примопредавање од ваков вид на функцијата претседател со оглед на тоа што Иванов е првиот претседател кој работеше и живееше со семејството во последните десет години на Водно. Претходните тројца претседатели функцијата ја извршуваа во македонското Собрание.

Стискањето на педалот за гас на службениот „фолксваген“ на Иванов симболично го означи заминувањето од резиденцијата на духовите на фолклорот и манипулативниот челичен патриотизам кои изминатата деценија доминираа на сметка на правдата и реалната политика. Од ова место извираа најразлични политички лудории – од аболиции за високи функционери, преку одбивање да му се даде мандат на новото парламентарно мнозинство за формирање влада, до непотпишување низа важни закони кои дополнително ги комплицираа состојбите поттикнати и создадени од извршната власт на Никола Груевски.

Иванов ќе остане запаметен како иницијатор и директен спроведувач на активности кои предизвикуваа поделби во општеството на различни основи, и се покажа како човек кој не може да дејствува над партиските ставови и да ги заштити интересите на државата и граѓаните. Но тоа не го спречи на Фејсбук да објави семејната фотографија со која се збогува со граѓаните во која порачува нешто сосема спротивно од она што го „красеше“: „Останете во добро здравје и не заборавајте дека само сплотени, обединети и со меѓусебна почит ќе имаме просперитетна и успешна Македонија. Функциите доаѓаат и проаѓаат, но човечноста останува”.

Во меѓувреме во вилата на Водно, Пендаровски, чија победа од странските медиуми беше оцената како спротивставување на национализмот, а самиот тој како „јасен Европеец“ требаше да има средби со бугарскиот претседател Румен Радев, а беше најавена средба и со претседателот на Албанија, Илир Мета, додека со претседателот на Косово, Хашим Тачи, не успеа да се сретне поради набиената агенда.

Претходно, во македонското Собрание се сретна со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос.

Вучиќ на средбата изразил надеж за добра соработка, особено со цел поттикнување на соработката во областа на економијата.

„Двајцата претседатели ја изразија својата намера да ги развијат врски меѓу двете земји и во сите други области од заеднички интерес и во корист на граѓаните на Србија и Македонија“, се наведува во соопштението од кабинетот на Вучиќ. Во него се посочува дека српскиот претседател му го честитал изборот, со желба за придонес во напредокот на земјата и за развојот на билатералните односи меѓу Србија и Македонија.

Вучиќ на средбата го поканил Пендаровски да ја посети Србија и изразил надеж дека оваа посета ќе даде поттик за развојот на соработка и добрососедските односи.

Пендаровски, како што се додава во соопштението од кабинетот на српскиот претседател, му се заблагодарил на Вучиќ за присуството на инаугурацијата изјавувајќи дека му е мило што има пријатели во регионот. Пендаровски ја прифатил поканата да ја посети Србија на есен. Шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос на Твитер објави дека на средбата со новиот претседател на земјава, Стево Пендаровски му ги пренел пораките на грчкиот државен врв за успешно вршење на должностите во новата, позитивна клима создадена со договорот од Преспа.

,,На новиот претседател на Северна Македонија, на господинот Пендаровски, му ги пренесов желбите на државното и политичкото раководство на нашата земја за успешно вршење на неговите должности во новата, позитивна клима создадена со договорот од Преспа”, напиша Катругалос на Твитер и објави фотографија со претседателот Пендаровски.

Наум Котевски