Виена пак најдобар град за живеење во светот
Англија- Виена е најпривлечниот град за живеење и за посета во светот, се наведува во класификацијата на „Економист интелиџенс јунит” за 2019 година. Австриската престолнина втора година по ред е пред Мелбурн, а Париз е подолу на листата поради протестите на „Жолтите елеци”.
Виена привлекува туристи најмногу поради концертите на класична музика и империјалната историја, но и со зелените пространства, одличната услуга и високото ниво на безбедност. До пред две години, Мелбурн седум години беше на врвот на оваа листа од 140 градови во светот.
Разликата меѓу двата града е минимална – 0,7 поени. Виена има 99,1 / 100, а Мелбурн – 98,4 поени. Следи Сиднеј, со 98,1 поен. Во првата десетка доминираат Австралија и Канада, со по три градови. Јапонија има два претставника – Токио и Осака. Деветти град на листата е Копенхаген, Данска.
Париз падна за пет места, на 25-то, благодарение на немирите и демонстрациите на „Жолтите елеци” годинава. Последни во класификацијата се Дамаск, Лагос, Дака, Триполи и Карачи.
Листата од 140 градови се прави врз основа на: животниот стандард, стапката на криминал, инфраструктурата, транспортната мрежа, достапно образование и медицински услуги, економско-политичката стабилност… А сега, предвид се зема и влијанието на климатските промени врз квалитетот на животот. Во таа смисла, Каиро и Њу Делхи се посочени како градови со загаден воздух и недостаток на снабдување со вода.