(Видео) Женка морж тешка 600 килограми потопува чамци во Норвешка
Огромна млада женка морж по име Фреја го избрала Осло за овогодишниот одмор.
Случајните минувачи често ја гледаат женката Фреја тешка околу 600 килограми како влегува во закотвените чамци, од кои некои ги потопува.
Фреја стана позната во Норвешка, а името го добила по нордиската божица на љубовта. Се верува дека Осло е само еден од низата градови кои Фреја ги посетува, бидејќи претходно била видена во Велика Британија, Холандија, Данска и Шведска.
Во јуни годинава била забележана во норвешкиот град Крагер каде влегувала во закотвените чамци, а сега е во Осло.
Меѓутоа, нејзиното присуство исплашило неколку луѓе, вклучувајќи и кајакар, како и момче кое паднало во вода. Него го спасило маж кој возел џет ски.
По овие инциденти, некои предложиле моржот да се оддалечи од локацијата или дури и да се евтанизира.
Но, откако ги следеле движењата на Фреја, норвешките власти тврдат дека таа е во добра состојба и може да остане каде што моментално се наоѓа. Сепак, луѓето биле советувани да држат дистанца и да бидат внимателни.
Моржовите инаку не претставуваат опасност за луѓето, но доколку се почувствуваат загрозени, би можеле да нападнат. Се напоменува и дека Фреја не е баш бавна како што изгледа додека се одмара.
Станува збор за заштитен вид кој го поминува летото во студени води, но живеалиштето на моржовите брзо се менува поради топењето на мразот, а климатските промени им го ограничуваат нивниот пристап до мразот.