(Видео) Сведоштво на преживеана во трагедијата во Кочани: Сестра ми ја нема!

Марија Тасева, 20-годишна девојка која е една од повредените во пожарот во дискотеката во Кочани, пред камерата на МИА сведочеше дека во моментот на пожарот настанал метеж и дека излегувајќи надвор паднала на земја.
– Сите почнаа да трчаат надвор.Сите гледаа да се спасат. Сестра ми е изгубена. Не можеме да ја најдеме во никоја болница. Сега чекаме тука резултати дали ќе ја најдеме, ако не, на крај во Скопје. Излегувајќи надвор паднав на земја и другите газеа врз мене, едноставно бев на земја со образот, изјави Тасева.
Нејзиниот татко вели дека немаат информација за втората ќерка која има 25 години.
Друга девојка била сведок на настанот и пред билницата „Свети Наум Охридски“ чека информации за состојбата на своите другари, во изјава за медиумите рече дека се пламнало за две минути и оти се се случило многу брзо, а пожарот почнал од покривот.
„Пробуваа да реанимираат луѓе и на лице место. Пожарна и амбуланта стигнаа на време, но не беа доволно. Имаше стампедо при излезот. Јас моментално чекам другар тука, тој има изгореници на рака. На почетокот не можевме да поверуваме дека има чад и оган, а потоа настана огромна паника меѓу присутните и имаше стампедо при излез од клубот“, изјави девојчето кое не сакаше да биде снимано.
На роднините на повредените кои чекаат пред болниците, помош им нудат екипи на Црвениот крст.
Роднината на девојчето (16) кое беше повредено ги опиша исто така застрашувачките моменти на кои бил сведок во болницата во Кочани.Таа меѓу првите ја напуштила дискотеката, но има сериозни изгореници.
„Бев на местото на настанот во болница, ова беше нешто страшно. По болничките ходници лежат мртви, треба да се прескокнат трупови за да влезеш да видиш како е твојата роднина. Накратко ја видовме, а потоа рекоа дека ја префрлаат во Скопје поради тешки повреди“, вели роднината на повредената девојка.
Тој истакна дека вратата на дискотеката, влезот, била мала.
„Мала врата е, мал премин, сигурно не можеше секој да излезе. Видов над 100 повредени во болница, мислам дека ниту еден клинички центар не може да собере толку“, вели роднината на повреденото девојче.
Страшна била глетката кога настанал пожарот во дискотеката „Пулс“. Други сведоци посочуваат дека објектот имал само еден излез, а пожарот брзо се ширел. Тие опишуваат дека станува збор за излез кој е 90 х 90, а присутните почнале да се гушат од густиот чад и во обидот да излезат и да се спасат се направило стампедо.
Според сведоштвата, од пиротехниката се запалила декоративна завеса поставена на под таванот, а потоа од неа и цела кровна конструкција. Паднал и таванот заедно со покривот, во моментите додека присутните се обиделе да се евакуираат буквално газејќи се во стампедо кон излезот. На некои од прозорците имало решетки, кои биле отстранувани од жителите, кои ги спасувале посетителите.