(ВИДЕО) Спасовски со видео порака по повод 7 Мај, Денот на македонската полиција
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска преку видео порака се обрати до сите припадници на МВР по повод Денот на македонската полиција.
-Пред две години мојата цел како министер беше да го вратам угледот на Министерството и да им овозможам на вработените чесно и одговорно да ги извршуваат своите работни задачи. Изминативе две години како министер во Владата на Република Северна Македонија се залагав за решавање на сите наталожени проблеми со кои вие се соочувавте во годините претходно. Заедно со вас успеавме дел од нив веќе и да ги надминеме и со тоа отвараме нови можности за постигнување уште поголеми резултати во периодот кој следи, вели Спасовски во видео пораката.
Тој посочува дека е горд што и покрај сите негативни случувања во минатото, во ова Министерство работат професионалци кои, како што вели, непоколебливо се борат против криминалот и корупцијата, против тероризмот, се грижат за јавниот ред и мир и секојдневните потреби на граѓаните.
Министерот за внатрешни работи потсетува дека во декември 2018 година беа исплатни покачени плати за 4.900 полициски службеници, за кои на годишно ниво биле издвоени 79 милиони денари.
-И во периодот пред нас продолжуваме со подобрување на условите за работа, продолжуваме со реновирањето на полициските станици. Набавката на униформи да стане редовна активност, а не исклучок. Специјализираните оддели да бидат опременувани со модерна опрема со која ќе можат подобро да ги извршуваат своите работни задачи, вели Спасовски во видео пораката до македонската полиција.
Тој смета дека не треба да се заборави оти партнер на МВР се граѓаните. Сакаме, вели тој, да бидеме близу до нив, да превенираме и да ја зголемиме нивната безбедност и затоа ја воведовме позорникарската служба. Полицајците позорникари, смета тој, ја зголемуваат безбедноста во населените места, ја зајакнуваат борбата против криминалните појави, а со ова ја зголемуваме и довербата во полицијата.
Најави дека во следниот период ќе работи на системско решавање на функционалните проблеми и на зајакнување на институционалниот и административниот капацитет на Министерството.
– И во иднина, мој и на сите нас приоритет останува да ни биде заштитата на безбедноста и сигурноста на нашата држава и нашите граѓаните. Да продолжиме по чесниот пат, зошто тој е вистинскиот. Ви го честитам Денот на македонската полиција, вие сте столбот на мирно и демократско општество, вели министерот за внатрешни работи во видео обраќањето.