(Видео) Истураа шут во Трнодол, ќе бидат ли казнети?


Во скопската населба Трнодол, вчера од камионче истураа градежен шут.

Случаен минувач ги начекал и ги снимал, прашувајќи ги дали знаат што прават и дека за тоа следува казна.

Им порача да си го соберат ѓубрето.

Погледете го видеото:

Дека вакви работи се случуваат не е ништо ново. Но, најчесто градежниот шут фрлен на несоодветно место се забележува подоцна, а никој не знае кој го фрлил.

Дополнително, во оваа ситуација е жално што улицата е нова. Неодамна реконструирана. Но, несовесните продолжиле со старите навики, па шутот заврши како „потпорен ѕид“, покрај ивичникот.

Видеото е поставено на профилот на „Не биди ѓубре“. Би требало ова да го види инспекцијата и соодветно да ги казни сторителите.

Реагираше и инспекторатот на Град Скопје од каде истакнаа дека е пронајден сторителот, и утре ќе му биде изречена највисока законска глоба, како и да го врати теренот во првобитна состојба.

Инаку, „Комунална хигиена“ нуди услуга за собирање кабаст отпад и градежен шут, а треба само да се јавите на 0800 22 33.

Според Законот за јавна чистота, граѓаните на Скопје се должни градежниот отпад да го одложат директно во депонијата „Дрисла“.