(Видео) Грција бесплатно ќе го чува небото над Македонија


Додека македонското небо ги чека грчките авиони да ја преземат редовната контрола, НАТО организираше виртуелна тура за медиумите во базите во Словенија , Унгарија, Италија и во главната команда за контролата на небото на Алијансата во Рамстејн, Германија. Станува збор за исклучиво одбранбена активност 24/7 која треба да не заштити од неконтролирани летови  во нашиот воздушен простор, намерни упади, киднапирања на авиони,  можни воздушни инциденти и други непредвидливи ситуациии.

Македонија е последна од деветте  земји членки на НАТО што е премногу мала за да си го контролира сама небото,па според  принципот на солидарност во НАТО, други ја преземаат оваа мисија. Во Словенија тоа го прават Италија и Унгарија, додека Грција и Италија ги штитат небата на Албанија и на Црна Гора. Над балтичките земји бдеат наизменично авионите дури на 17 земји членки на Алијансата, а периодично НАТО авиони го контролираат и небото над Исланд, без да е одговорна за тоа одредена земја. Од 2014 година, како резултат на руските провокации, НАТО воспостави и „зајакното воздушно патролирање“ (air policing) за да демонстрира колективна решеност за одбрана на балтичките земји и Романија и Бугарија. Од базите од кои се врши мисијата објаснија како се прави тоа нагласувајќи дека не станува збор за рутинска задача бидејќи има повеќе упади во воздушниот простор на земјите членки отколку што се очекувањата на јавноста, а бидејќи се толку многу, во НАТО ги бројат само посериозните, односно тие што траат подолго од пет минути.

И не секогаш контролата се сведува на следење на сообраќајот на радарите, бидејќи во посериозни инциденти се издава наредба за пресретнување на леталата што го нарушуваат воздушниот простор на Алијансата. Филмски кажано топ-ган игри над небото на земјите членки се случуваат често, а во нив учествуваат „фантоми“, „фалкони“, „торнада“, „миражи“ па и понекој „миг 21“ на бившите советски сојузници. Според податоците од НАТО, лани биле регистрирани околу 500 посериозни инциденти,а во 40 случаи биле активирани и системите за брз одговор, односно било извршено пресретнување со ловците. Во НАТО  нагласуваат дека одлуката да се пресретне некој авион  доаѓа од еден од двата постојни контролни и известувачки центра , но како точно се одвива ланецот на наредби во комплексни ситуации, во кој се вклучени и политички одлуки, сепак е класифицирана информација во НАТО.

Полковникот Јанез Гаубе од Словенија презентираше како оваа мисија се одвива во неговата земја, која има едно од најмалите неба за штитење во НАТО.

„За да бидеме сигурни дека мисијата ќе се одвива без проблем одржуваме редовни тренинзи со италијанските и со унгарските воени авиони. Нашиот персонал во Контролниот и известувачки центар во Љубљана има директна врска со  Комбинираниот центар за воздушни операции и со Цивилната воздушна контрола  и ги следи леталата додека траат настаните“, вели Гаубе.

Бидејќи небото на Словенија е многу мало, важно е, според него, словенечкиот Контролен и известувачки центар да е константно и тесно интегриран со тие на Италија и на Унгарија и заеднички да ги мониторираат и следат леталата во воздушниот простор над земјата.  Годинава поради редуцираниор воздушен сообраќај поради Ковид кризата не е регистриран ниту еден сериозен инцидент во Словенија, а тие што се регистрирани главно се случуваа во балтичкиот регион и над поранешните источни држави. Италија и Унгарија симултано патролираат над Словенија и, според податоците од НАТО, им требаат само десет минути за да ја надлетаат. Сепак, Словенија и самата почна да вложува напори да учествува во контролата  и засега тоа го прави со три воздушни патроли неделно.

Мисијата за воздушно патролирање освен главната команда во Рамстејн, е поврзана и со Командата за воздушно разместување  и Контролниот центар во Поџио Ренатико во Италија и Комбинираните центри за воздушни операции во Шпанија и во Германија. Заедничката воздушна команда исто така има оперативна контрола  над АВАКС силите  во Германија и над  Силите за набљудување од земја на НАТО. Системот е симбиоза на радари, авиони и командни центри.

Она што е интресно за нас е дека авионите што ја спроведуваат мисијата не се стационирани во земјата чија контрола на небото ја помагаат туку си остануваат во своите бази иако се на „алерт„ 24 часа. Трошоците за целата мисија исто така паѓаат на товар на земјите што го надгледуваат небото, бидејќи ја сметаат мисијата како добра можност за да тренираат во реална ситуација. Во нормални околности, а не овие со Ковид 19,  над небото на земјите членки на НАТО има околу 30.000 движења, без тие што се ненајавени и што се намерни упади и обиди за предизвикување инциденти, така што станува збор за комплексна операција.

Два грчки авиони уште лани ги  направија првите летови над Македонија, но за да биде контролата според стандардите на Алијансата треба да се поврзат комуникациски или, како што велат во НАТО, да се воспостави заедничка командна и контролна структура во функција на воздушното патролирање. Да се случи тоа помагаат и од НАТО бидејќи заштитата на небото е една од основните функции на Алијансата.

Грција инаку има една од најмоќните армии во Европа со 187 борбени авиони, меѓу кои  борбените ловци од типовите „Ф-16“ од американско производство и „мираж 2000“ од француско. За контролата на небото на НАТО  секоја земја членка мора да има обезбедено минимум два дежурни авиони ловци – пресретнувачи во целосна борбена гоотовност и тоа 24/7, со цел да се интервенира при нешто непредвидено. (С.Ј.)