(Видео) Фатени членови на банда за драматичен обид за грабеж во златарница во Венеција


 

Денеска во координирана акција на полицијата ширум Европа уапсени се осум членови на банда кои се доведуваат во врска со обид за грабеж во златарница во центарот на Венеција, Италија во 2017 година.

Осуммина се уапсени во Австрија, Естонија и Финска и припаѓаат на банда од Естонија која се специјализирала за грабежи на луксузни европски златарници, објави АФП, повикувајќи се на италијанската полиција.

Со чадни бомби се обиделе да створат диверзија

Во март 2017 година припадници на таа банда активирале чадни бомби на плоштадот Свети Марко во Венеција, со што сакале да го свртат вниманието на јавноста и полицијата додека ја ограбуваат златарницата.

Но, грабежот остана само на обид откако еден турист ги предупредил полицајците во близина, а вооружените бандити бегаат.

Снимките кои ги објави италијанската полиција прикажуваат еден осомничен како поставува чадна бомба до камбанаријата на Свети Марко и испаничени туристи како бегаат откако се подига густ чад.

Друга чадна бомба е поставена во блиската улица.

Во Австрија и на Корзика украле накит вреден милион евра

Веста за апсењето објавена е денеска по долгогодишна истрага, која ја координираше Европол.

Полицијата наведува дека членовите на бандата се одговорни за три слични грабежи, на Корзика, како и во Австрија во 2016 и во 2017 година. Вредноста на украдениот плен се проценува на милион евра.

Меѓу уапсените и е водачот на бандата, кој се криел во Финска. Италијанската агенција АГТ наведува дека е осудуван за кражби, но и за убиства.