(Видео) Бистрите реки во Алјаска станаа чудно портокалови

Некои од вообичаено чистите, ледено сини водни патишта на Алјаска станаа светло портокалови. Оваа нова боја е толку интензивна што може да се види од орбитата на Земјата.
„Портокаловите реки се толку големи што можеме да ги видиме од вселената. За да се види такво нешто од орбитата, бојата треба да биде навистина интензивна“, вели еколошкиот токсиколог Брет Пулин од Универзитетот во Калифорнија Дејвис (УЦ Дејвис).
Кога првпат го забележале проблемот во 2018 година, екологот на Службата за национални паркови Џон О’Донел, Пулин и нивните колеги тргнале да анализираат сателитски снимки и различни извештаи и пронашле повеќе од 75 светло портокалови потоци во регионот Брукс на Алјаска.
„На некои места изгледа како да тече млечен сок од портокал. Ваквите потоци може да бидат токсични или да спречат рибите да мигрираат до местата за мрестење“, вели О’Донел.
Пронајдени токсични метали
Во примероците што ги собрале од обоени потоци помеѓу јуни и септември 2022 година, откриле високи концентрации на железо и други отровни метали; вклучувајќи цинк, бакар, никел и олово. Во некои случаи, овие загадувачи ја зголемија киселоста на водата од вообичаената pH вредност од 8 на 2,3.
PH е степенот на киселост на скала од 0 до 14. Вредноста под 7 означува киселост, а колку е помал бројот, толку е поголем степенот на киселост, што значи дека 0 означува највисок степен на киселост.
„Резултатите укажуваат на истекување од рудникот, но нема истек во близина на тие локации“, вели Пулен.
По анализата на сателитските снимки од 1985 до 2022 година, експертите утврдиле дека овој чуден феномен почнал да се случува во текот на последната деценија и се совпаѓа со потоплото време и зголемените врнежи.
„Нашата хипотеза е дека поради топењето на вечниот мраз, водата се инфилтрира подлабоко и е во интеракција со минералите заробени илјадници години“, објасни Пулен.
Брзо затоплување на Арктикот
Арктикот се загрева околу четири пати побрзо од остатокот од нашата планета. Дополнителната топлина ја одмрзнува замрзнатата почва, ја зголемува микробната активност и предизвикува формирање области со грмушки. Овие процеси заедно со новоформираните корени ги изложуваат досега недопрените минерали и овозможуваат нивно влевање во басените.
„Се чини дека климатските промени и последователното топење на вечниот мраз се примарните причини за „загадување“ со минерали. Промената на бојата на потокот е поврзана со драматично опаѓање на разновидноста на макробезрбетниците и рибите“, наведуваат научниците.
Истражувањето под наслов „Метална мобилизација од одмрзнување на вечниот мраз до водни екосистеми предизвикува ‘рѓосување на арктичките потоци“ беше објавено во списанието Communications Earth & Environment.