„Вибрантен сликопис“- изложба на цртежи на Владимир Величковски во МКЦ


Во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје денеска ќе биде отворена изложбата на цртежи на професорот Владимир Величковски, насловена „Вибрантен сликопис“.

– Величковски самиот потенцира дека својата прва самостојна изложба на слики ја организирал токму пред 50 години во тогашните простории на Домот на младите „25 Maj“, што се совпаѓа со минатогодишниот јубилеј на институцијата. Изборот на датумот е токму пред Светскиот ден на уметноста, што исто, не е случајно одбран за отворањето на изложбата, наведуваат од МКЦ.

Како што посочуваат оттаму, Величковски црта од мали нозе, како дете, кога почнува и да ги изложува неговите творби.

– Црта и слика во моменти на страсна потреба за изразување на сопствените внатрешни доживувања и надворешни сензации каде се испреплетуваат и моменти на сеќавање. Слика „во еден здив“, но под импресија и со емоција со уверување дека со непосредната обработка на мотивот, може да се постигне сугестивна свежина на звучен колорит и специфичен танцов ритам на целата структурна и сликовна претстава, се наведува во соопштението.

Според авторот, „во атељето на Миро Масин пишува: нема разговор за политика и фудбал – убаво. А јас, имам чест, по повод значајниот јубилеј на Младинскиот културен центар, Скопје да ја приредам оваа пригодна изложба. Ќе се потсетиме: порано постоеше поимот .„сиромашна уметност“, како и  критика,  застапена во сите печатени и електронски медиуми која зад себе има забележан историски развој во тесна врска со движењата во ликовните и визуелните уметности. Приказната за критиката не е завршена. Можеби станува збор само за една „култура на сопственото искуство.“

Владимир Величковски, роден на 7 мај 1949 година во Скопје, е македонски сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар. Како што се додава во соопштението, значаен е во 80-те години за проблематизирањето на новите појави во македонската ликовна уметност.

Дипломирал во 1974 и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје во 1997, а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград во 1985 година. Во периодот од 1976 до 1977 година, тој бил на студиски престој во Париз. Бил професор по предметот „Современа светска и македонска уметност“ на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари.

Како што се наведува во соопштението, „неговата главна критична мисла е дека во Македонија е редуцирана и потценета ликовната критика како активност. Гаснењето на интересот и на медиумите оди во прилог на гаснење на ликовната критика, а со тоа и на развојот на националната култура“.

– Издавачката куќа „Македонска реч“ од Скопје ја издала книгата на Владимир Величковски „Уметнички критики и есеи“, која е петтиот том со истоимен наслов на овој автор. Книгата содржи текстови пишувани и објавувани по 1973 година, од кога тој интензивно се занимава со ликовна критика. Оттогаш до денес, тој претставува најдоследниот и најтемелниот хроничар на ликовниот живот во Македонија, вреднувајќи ги преку ликовната критика и есејот сите позначајни настани, изложби, појави, тенденции и слично. Владимир Величковски досега објавил повеќе од 80 монографии и книги од областа на ликовните уметности особено за современата уметност, од кои најголемиот дел се монографските изданија. Тој по вокација е сликар, а е и автор на повеќе тематски и групни изложби. Истата 1973 година, тој започнал да изложува слики самостојно, се додава во соопштението.