Венко Андоновски: Имав јавни закани од разни интелектуално-политички невротици


Веста дека Венко Андоновски е автор на драмскиот текст „Изрешетени души“, според кој годинава ќе се изведе традиционалниот сценско-театарски спектакл „Големиот школски час“ во Србија одекна силно во домашната културна јавност, но и во регионот
Станува збор за државна манифестација посветена на стреланите 3.500 работници и ученици во Крагуевац на 21 октомври 1941 година. Драмскиот текст ќе биде печатен на српски јазик, како дел од повеќетомната едиција „Голем школски час“, заедно со другите автори што пишувале на оваа тема.

За „Големиот школски час“ последниве 50 години сценарио пишувале и: Душан Радовиќ, Десанка Максимовиќ, Милован Витезовиќ, Љубивое Ршумовиќ, Мира Алечковиќ, Бранко В. Радичевиќ, Драган Данилов, Видосав Стевановиќ, Оскар Давичо, Јуре Каштелан, Јеврем Брковиќ, Ричард Бернс од Англија, Андреј Базилевски од Русија, Ана Сантоликуидо од Италија…

За Андоновски честа и признанието од српските театарски колеги и писатели доаѓа во миг кога веќе подолго време со една нога е во Македонија, а со друга во Србија.

-А тоа пак се должи на едно мое професионално разочарување, кое кратко се изразува вака: „Ако не ти требам јас тебе, не ми требаш ни ти мене“. Да ве потсетам: имаше јавни закани од разни интелектуално-политички невротици дека ќе расчистат со разни „венкоандоновци“, „милчоманчевци“ и „симонтрпчевци“ кога нивната партија ќе дојде на власт, затоа што тие „замислени величини“ не сакаа да бидат револуционерни молери (и Хитлер едно време молерисувал) и тоа по плоштади и митинзи. Така и би: по дваесет години театарски живот, дочекав да ми биде одбиен текст за Кузман Капидан од новопоставен директор и да биде сопрено снимањето на филмот „Цар Самоил“ токму пред да почне првата клапа. И двата проекта беа одобрени „од претходните“. Не сум дете за да не сфатам дека тука не станува збор за естетски причини (иако така ми објаснуваа), туку за обична политизација на уметноста. И за уметничка завист која секогаш, здружена со политичка моќ, поминува во омраза скриена во четвртата буква од зборот „гилотина“. Уште од „Господарот на мувите“ на Вилијам Голдинг знам дека и децата се сурови, камоли возрасните. Но исто така знам и дека кога „не те играат“ (а тие играат фудбал), тоа може да биде не само затоа што си послаб, туку и затоа што си подобар играч од нив. А ти секогаш мислиш дека си послаб и ја губиш самодовербата.

И бидејќи сум познат дека не се грижам за своите книги (сѐ што до сега е преведено е резултат на иницијативата на мои пријатели, а не моја ниту на некаков агент), решив да погледнам малку пошироко. Веќе имав некои успеси во Франција и Русија, а на Балканот во Словенија и Хрватска, но Србија (соседна култура!) секогаш ми остануваше отпат. Зедов една слободна студиска година и ја поминав во Белград. Се изненадив колку српските писатели знаат за македонската книжевност, а ние, Македонците за нас самите – речиси ништо. Во еден обичен разговор со Видосав Стевановиќ (кој живее повлечено во едно село) научив многу повеќе детали за Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Митко Маџунков, Јордан Плевнеш и Божин Павловски отколку од нашите писатели, нивни колеги. Познати сме по тоа дека се премолчуваме и не се читаме меѓусебе. Ние не само што сме култура на премолчувањето, туку (за среќа) сме и неуспешна култура: култура на неуспешно премолченото. И, природно, кога моите колеги-писатели од Србија разбраа дека сум во Белград (иако сакав да живеам повлечено и да пишувам), почнаа контактите со нив. Па уште кога мојот пријател Мирко Демиќ од Крагуевац разбра дека и таткото на мајка ми е стрелан таму, ми предложија јас да бидам тој што ќе напише сценарио за „Големиот школски час“. Инсистираа (повторно тие!) како лик задолжително да се појави и Блаже Конески, кој бил првенец на нивната крагуевачка гимназија и со кој се гордеат: неговата фотографија стои и денес во аулата на гимназијата со други видни нивни славни ученици, а под неа пишува: „Татко на современиот македонски јазик“. Во тие моменти, дури и малку засрамен, се сеќавав на оној прочуен прличевски очаен крик – „Да беше народот развит, ќе ми подигнеше споменик“! Можеби е време за еден споменик на Конески во Крагуевац. Знаеме како изгледа оној во Скопје.

На сето ова му претходеше мое прво, задоцнето објавување на српски: „Азбука на непослушните“ во издавачката куќа „Архипелаг“ и потоа, моето пристапување кон кругот на автори на издавачот „Лагуна“, која го објави „Папокот на светот“, речиси дваесет години откако овој освои „Балканика“ (тоа е, повторувам, моја вина). Наскоро треба да се појави и „Вештица“. Тоа е накратко „историјата“ за тоа како дојде до тоа јас да бидам автор на „Големиот школски час“, изјави за „Независен“, Андоновски, актуелен со „Најчитаните и најнечитаните колумни“ во издание на Издавачки центар „Три“. (Л.С.)