Велислава Николаева Петрова-Чамова ќе биде новата шефица на бугарската дипломатија

Чамова доаѓа од партијата на Слави Трифонов со диплома за биомедицински науки


Уште еден поранешен кадар на Има таков народ на Слави Трифонов,  Велислава Петрова-Чамова, влегува во владата на Румен Радев.

Таа беше заменик-министер за надворешни работи за време на коалициската влада на Кирил Петков, кога министерка за надворешни работи беше Теодора Генчовска исто така од квотата на ИТН. Потоа била дел од официјалниот кабинет на Галаб Донев, кога министер беше Николај Милков, поранешен секретар за надворешна политика на Радев од неговиот прв мандат како претседател. Како заменик-министер за надворешни работи во тимот на Милков, таа била ангажирана околу прашања поврзани со Македонија.

Чамова дипломирала на Универзитетот во Кембриџ, Велика Британија, со степен „доктор“ во областа на биомедицинските науки. Во 2024 година, ИТН ја номинираше за европски комесар.

Таа е специјалист во областа на одржливиот развој и глобалното здравје со искуство во меѓународни организации и земји на Глобалниот Југ. Работела во Женева, а од август 2020 до јуни 2021 година била експерт за проценка на ризик од катастрофи во Групацијата на Светска банка.

Румен Радев очекувано ќе биде премиер и  ќе има четири заменици. Се очекува новата влада да биде изгласана веќе во петок.Се очекува Галаб Донев да биде заменик-премиер и министер за финансии.Во владината структура ќе има едно министерство помалку отколку во моментов.

„Бугарските граѓани ставија крај на политичката криза со тоа што ѝ дадоа мнозинство на една политичка сила. Нема друга влада што е формирана толку брзо по изборите“, рече Радев.