Велика Британија објави декларација за вештачката интелигенција
Велика Британија денеска ја објави Декларацијата Блечли, договорена со земји како САД и Кина, за зајакнување на глобалните напори за соработка за безбедноста на вештачката интелигенција. Декларацијата, потпишана од вкупно 28 земји, беше објавена на денот на отворањето на Самитот за вештачка интелигенција во Блечли парк, централна Англија.
-Декларацијата ги исполнува клучните цели на Самитот за воспоставување заеднички договор и одговорност за ризиците, можностите и продолжување на процесот на меѓународна соработка за истражување на безбедноста и вештачката интелигенција, особено преку поголема научна соработка, наведе Велика Британија во посебна изјава што ја придружува декларацијата.
Велика Британија ги собра владите, академијата и компаниите кои работат на вештачка интелигенција за инаугуративниот Самит за безбедност на вештачката интелигенција денеска за да разговараат за тоа како да се ограничат ризиците од технологијата и дали тоа може да се направи.
Средбата е идеја на премиерот Риши Сунак, кој сака Британија да стане посредник меѓу економските блокови на САД, Кина и Европската унија. Листата од 100 гости вклучува светски лидери, технолошки лидери како Илон Маск и шефот на ChatGPT Сем Алтман и академици.
Усвоената декларација повикува на транспарентност и одговорност на актерите кои ја развиваат најнапредната технологија за вештачка интелигенција во нивните планови за мерење, следење и ублажување на потенцијално штетните способности.
Британскиот крал Чарлс III изјави дека меѓународната заедница мора да одговори на ризиците од вештачката интелигенција со чувство на итност и единство, како во случајот со климатските промени.
-Вака меѓународната заедница се обиде да се справи со климатските промени, да го осветли патот до нула емисии и да ја заштити иднината на нашата планета. Мораме да одговориме на сличен начин на ризиците што ги носи вештачката интелигенција, со чувство на итност, единство и колективна сила, рече кралот во видео пораката прикажана на самитот за вештачка интелигенција.