„Вечната битка“ за идентитетот е дефанзивен пристап
Тоа што често се слуша во јавноста не е историја која се заснова на научни принципи. Во тоа има многу повеќе бујна политичка митологија и злоупотреба, отколку професионална анализа која треба да помогне да го разбереме минатото
Институтот за национална историја оваа година слави 75 години од своето формирање и тоа е навистина редок јубилеј за една институција во држава чие постоење започнува само неколку години поранo. Се разбира, во текот на овие 75 години, пред Институтот, а со тоа и пред македонската историографија, секогаш постоеле и постојат бројни предизвици. Всушност, градење на една историографија во тек на нешто повеќе од седум децении не претставува толку долг период за да можат да бидат апсолвирани сите прашања важни за минатото на една држава.
Македонската држава, како и секоја друга независна држава, има свое минато и, како и многу други, и таа е во судир со некои од своите соседи во поглед на тоа минато. Се разбира, тоа не е нешто што е специфично само за неа, но, се чини дека македонската историографија остана заложник на тие судири, посебно на т.н. „вечна битка за идентитетот“, во која идентитетските аспекти на нашето постоење постојано се држат на највисоко ниво.
Ваквата позиција не значи ништо друго освен одржување на старите парадигми и пристапи кои се присутни веќе неколку децении во нашата историографија, и кои, пред сè, одат на нејзина штета. Во тој поглед неопходно е да се напушти дефанзивниот пристап во однос на чуствителните идентитетски прашања. Затоа што тој пристап најчесто нуди реакција на она што другите напишале за нас, но не и акција преку која аналитичкото и критичко проучување на нашето минато ќе понуди одговори на чувствителните прашања кои во најголем дел се обременети со историски детерминизам и позитивизам.
Во тој контекст, треба да се има предвид дека денес во проучувањето на минатото утврдени се неколку постулати, без чие почитување тоа минато би било погрешно толкувано и разбрано, а тоа се: дека минатото е испреплетено, споделено, поврзано и меѓузависно; дека минатото, како и сегашноста, не може да се разбере изолирано и изместено од контекстот на своето време и дека нациите и државите се создаваат, развиваат и постојат низ меѓусебни контакти.
Оттука, претставувањето на денешните современи народи како вечни и непроменливи категори и актери на историската сцена, како резултат на некаква мистична и ексклузивна етногенеза која се случила пред илјадници години, ја поставува наопаку целокупната историја и ги негира динамичноста, испреплетеноста и меѓузависноста на историските процеси и идеи. Ваквото сфаќање во чија позадина стои т.н. ретроспективен национализам, всушност, е деветнаесетовековен пристап во толкувањето на минатото.
Денес, на пример, е незамисливо Французите и Германците да дискутираат и да спорат за етничката припадност на Карло Велики или за други значајни лидери или интелектуалци од подалечното минато. Тие личности се ставаат во политички, културен и социјален контекст на времето во кое живееле и дејствувале, затоа што е невозможно да се врати назад минатото и повторно да биде откриено менталното опкружување на некоја одамна помината епоха.
Исто така, доколку се анализираат националните идеи на Балканскиот Полуостров од XIX в., ќе се види колку се тие испреплетени меѓу себе и колку влијаеле едни врз други, иако истовремено во одредени сегменти, меѓусебно остро се исклучувале. Овие примери покажуваат дека историјата, европска или балканска, е долга приказна на испреплетеност и споделеност, на повеќеслојни и менливи идентитети. Денес веќе се надминати претставите и митовите за т.н. вечни и апсолутни „историски вистини“, израз кој припаѓа на XIX век. Денес може да се пишува и да се зборува за истории, за историски претстави, за мултиперспективен пристап во толкувањето на минатото, кој би можел да помогне во надминувањето на некои од „нерешливите“ теми, присутни и таложени со децении во историските национални наративи и во историското образование на балканските општества.
Интернетот, социјалните мрежи и бројните медиуми им наметнаа на историчарите уште една обврска, но и одговорност, а тоа е речиси секојдневниот дијалог со средината во која живеат и работат. Овие медиуми овозможуваат историската димензија на нашето постоење да биде постојано присутна во нашето секојдневие. Но, од друга страна, тоа придонесе со јавниот простор во голема мера да загосподари квазиисторијата, чии карактеристики се: селективност и негрижа за фактите, сензационалност, површност, историски волунтаризам и догматизам. Тоа, исто така, предизвика излив на историзирачки тези кои треба да легитимираат одредени политички тврдења кои наводно го објаснуваат минатото и посебно неговото значење за нас денес. Притоа, се разбира, се користи силната симболичка и мобилизирачка моќ на историјата. Но, очигледно е дека тоа што често се слуша во јавноста не е историја која се заснова на научни принципи. Во неа има многу повеќе бујна политичка митологија и злоупотреба, отколку професионална анализа која треба, пред сѐ, да помогне да го разбереме минатото.
Со цел да се разбие тој квазиисториски пристап, академскиот дијалог на историчарите со јавноста станува една од нивните најголеми одговорности. Тој дијалог треба да се води објективно и коректно, почитувајќи ја општествената и лична одговорност што ја носи позицијата на историчарот.
Се разбира, тоа не зависи само од нив. Тие мора да ја имаат поддршката од сите оние кои размислуваат и се одговорни за начинот на кој нашето општество се соучува со своето минато, како што се интелектуалните и политичките елити.
Но, изучувањето на минатото, мора, пред сè, да претставува суверен интерес на автономната научна заедница, а не на државата или на каква било политичка партија или организација. Затоа што историографијата, како и секоја друга наука, може да напредува само ако истражувањата и пишувањето се слободни од какви било политички, идеолошки, верски или економски притисоци, како и од емоции, митови и догматизирање. Всушност, крвавиот распад на Југославија покажа колку емоциите, митовите и злоупотребата на историјата во промовирањето на националистичките концепти за нациите или религиите можат да бидат опасни и погубни.
Оттука, многу важно е да се покаже дека историчарите имаат капацитет да дебатираат и да поставуваат суштински и смели прашања за нашето минато, кои ќе нè ослободат од стравовите и предрасудите и да ги деконструираат политичките митови што ќе ја елиминира можноста за инструментализација и злоупотреба на историјата. Со тоа и самото општество ќе стане многу поотворено и ќе се здобие со многу поголема самодоверба.
Коле Чашуле во една своја изјава вели да се пишува на македонски јазик значи да се војува. Денес да се пишува за македонската историја, посебно од сегашна перспектива, би рекол, исто така значи да се војува и во овој момент тоа многу повеќе значи внатрешна битка, што е многу потешко.
И не е ништо страшно да постои таква внатрешна „битка“ доколку таа цели кон резултати кои ќе бидат корисни за општеството, а не да биде средство за стигматизирање на „подобни“ и на „неподобни“ историчари, на „предавници“ и „патриоти“. Историографијата ќе ја исполни својата хуманистичко-цивилизациска цел, што претставува една од нејзините основни премиси, доколку историчарите прифатат дека историската наука треба да се развива паралелно со развојот на современото општество, дека критичката обработка на минатото не може да продолжи со исто методолошко, теоретско и идеолошко клише и со робување на старите историски шеми и дека досегашната перцепција не смее да биде сфатена како непроменлива, бидејќи тоа, во крајна линија, предизвикува историографски застој.
Процесот на критичко проучување на минатото, поставен на современа методолошка и теоретска основа и ослободен од историски детерминизам, е процес преку кој нашата историографија ќе овозможи да се зголеми и јавната свест за критичко соочување со минатото. Таквиот процес ќе помогне сегашноста да се ослободи од предрасудите, а на историската наука, која би ги препознала своите можности, но и одговорности, ќе ѝ ја врати хуманата димензија, што, според славниот Фернан Бродел, ја прави да биде кралица на социјалните дисциплини.
(Драги Ѓоргиев е академик и копретседател на македонско-бугарската историска комисија. Ова е дел од неговото обраќање на прославата на 75-годишнината од основањето на Институтот за национална историја на 21 септември.)