Вархеи отфрла промена на Преговарачката рамка за Македонија

Критериумите се многу јасни уште од 2022 година кога беше усвоена Преговарачката рамка. Тие мора да се исполнат, вели еврокомесарот


Оливер Вархеи

 

По тврдењата на некои македонски политичари во изминатите месеци дека може да има промена Преговарачката рамка за земјава, еврокомесарот за проширување и соседство Оливер Вархеи во интервју за бугарски „Бгнес“ тврди дека Преговарачката рамка нема да се смени и дека тој не смета оти земјите-членки на Европската Унија сакаат да ги преразгледуваат условите што ги има Македонија.

„Критериумите се многу јасни уште од 2022 година кога беше усвоена Преговарачката рамка. Тие мора да се исполнат и во таа смислам не очекувам некаква промена. Не мислам дека земјите-членки ќе сакаат да ревидираат некој од условите. Јасно е дека тие треба да се исполнат“, изјавил Вархеи, одговарајќи на прашањето дали има некаква можност за промена на условите кои треба да ги исполни Северна Македонија.

Вархеи, како што вели, се надева дека веднаш по изборите новата влада во Скопје ќе се зафати за ова прашање за да се продолжи со исполнувањето на критериумите.