Вархеи сака да остане комесар за проширување, ЕУ вели – нема шанси
Во владите на ЕУ и во Брисел нашироко се смета дека водењето на ресорот за проширување од страна на протежето на Орбан било катастрофа
Сојузниците на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Балканот – српскиот претседател Александар Вучиќ и новата македонска влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ што треба да се избере до крајот на идниот месец – имаат големи очекувања од претседавањето на Будимпешта со ЕУ од 1 јули. И се надеваат дека Орбан ќе успее да го зачува на истата функција својот протеже – комесарот за проширување Оливер Вархеи.
Но како што сега стојат работите сите тие надежи изгледа ќе бидат попусти, затоа што во Брисел се создаде еден силен фронт против Орбан за да не му се даде никакво важно портфолиот во новата Европска комисија.
Заситени од постојаниот опструкционизам на унгарскиот премиер Виктор Орбан кон Украина, неговите колеги лидери од ЕУ планираат да го казнат со тоа што на неговата земја ќе ѝ дадат слаб портфолио во следната Европска комисија, изјавија за „Политико“ тројца дипломати запознаени со дискусиите.
Унгарија сака да го задржи ресорот за проширување, кој има значително влијание поради разговорите со ЕУ за пристапување на Украина во блокот, а и поради тоа што Будимпешта сака да има големо влијание врз европските процеси на земјите кандидати на Балканот. Но националните влади немаат апетит актуелниот комесар на Будимпешта Оливер Вархеи (или кој било друг Унгарец) да продолжи со толку голема улога, изјавија тројцата дипломати.
Орбан е најблискиот сојузник на рускиот претседател Владимир Путин во ЕУ, а европските лидери сè повеќе се огорчени поради неговото влечење на санкциите и неговото противење за испорака на средства за Киев.
Орбан сега ја блокира помошта за Украина и се закани на нејзините пристапни преговори во последните месеци. Кога Унгарците во јули ќе го преземат шестмесечното ротирачко претседавање со Советот на Европската унија ќе имаат овластувања да го поставуваат дневниот ред.
Будимпешта и понатаму се надева дека Вархеи ќе остане на својата функција, која ја извршува од 2019 година, откако беше предложен од Орбан и презеде одговорност за напорите на блокот да донесе нови членови.
Но, Вархеи беше обвинет за поткопување на политиката кон земјите-кандидати за ЕУ, создавајќи конфузија во неодамнешниот ќор-сокак со Грузија околу широко осудениот закон за „странски агенти“ на оваа јужнокавкаска земја, кој нашироко се смета за начин владејачката партија во Тбилиси да ги запре опозициски медиуми, активисти и невладини организации.
Вархеи не остана во добро сеќавање и на македонските власти затоа што во Скопје се пропзнаваше наклоност на еврокомесарот кон ставовите и блокадата од страна на Бугарија.
„По катастрофата со Вархеи и начинот на кој Орбан се справува со (претседателката на Комисијата, Урсула) фон дер Лајен, нема шанси таа да предаде нешто важно (на) некој близок до него“, рече дипломатот за „Политико“.
Назначувањето на Вархеи пред пет години нашироко се сметаше за мировна понуда за задржување на унгарската десничарска влада на страна во Брисел, слично на тоа како на се поевроскептичната Велика Британија и беше доделена главна економска улога пред „Брегзит“ во 2014 година, откако конзервативниот лидер Дејвид Камерон вети референдум во 2013 година.
Претходно оваа недела, литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис ја повика Унгарија да престане да задржува воен пакет од повеќе милиони евра за Киев. „Речиси сите наши дискусии и потребни решенија и одлуки од страна на ЕУ се блокирани од само една земја“, рече тој. (Н.В.)