Вандализиран споменик на Ана Франк во Амстердам


Споменикот на Ана Франк во Амстердам, Холандија е вандализиран со графит „Газа“ испишан со црвено, соопшти полицијата.

Полицијата во Амстердам отвори истрага за инцидентот, а сѐ уште нема уапсени.

Споменикот се наоѓа во парк во близина на местото каде што живееле Ана Франк и нејзиното семејство пред да бидат принудени да се кријат од нацистите за време на Втората светска војна.

Вандалскиот чин најостро го осуди градоначалникот на Амстердам, Фемке Халсема, посочувајќи дека на ниту еден Палестинец не му помогнало тоа што споменикот е оштетен и дека нема оправдување за таа постапка.

Портпаролот на полицијата за Си-ен-ен изјави дека полицијата добила пријава за вандализам во вторникот попладне.

Да потсетиме, Ана Франк беше уапсена во 1944 година со уште седум Евреи, кои речиси две години се криеле од нацистите во Амстердам, по што биле депортирани во концентрациониот логор Берген Белсен во Германија, каде Ана починала кога имала 15 години. 

Зад себе остави дневник што го водела во кој ги опиша ужасите на Холокаустот и кој го објави нејзиниот татко во 1947 година.