Марија Корина Мачадо е подготвена за разговори со привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез


Венецуелската опозициска лидерка и добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо, е подготвена да се сретне со привремената претседателка на земјата, Делси Родригез, по враќањето од егзил, изјави нејзината портпаролка, цитирана од француските медиуми.

„Мачадо изрази подготвеност да седне на преговарачка маса не само со Родригез, туку и со секој друг со кого треба да разговара, отворено, транспарентно и со јасна програма за постигнување конкретни резултати“, изјави нејзината портпаролка Клаудија Масеро за локалното радио „Јунион“.

Во меѓувреме, Европската Унија го поздрави враќањето на Мачадо во Каракас, опишувајќи го како можност за проширување на политичкиот дијалог во Венецуела и создавање услови за слободни и фер избори.

„Се надеваме дека венецуелските власти и сите политички сили ќе ја искористат оваа можност за да постигнат напредок преку инклузивен дијалог предводен од самите Венецуелци“, изјави дипломатскиот портпарол на ЕУ, Анвар Ел-Ануни.

Според него, целта на овој процес треба да биде одржување слободни и фер избори со веродостојни гаранции и целосно учество на сите политички сили