Доаѓаат пеколни горештини, температури од 43 степени и УВ индекс 10
Владата издаде повеќе препораки за наредните денови. Најважно е да не се излегува на сонце од 11 до 17 часот
Пеколни горештини ќе ја зафатат Македонија од петок – температурата ќе се искачи до 43 степени, а УВ индексот ќе стигне до 10.
Времето утре ќе биде особено топло во целата држава, а в петок само во јужните делови, кога наместа температурата ќе надмине 40 степени и ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури. В петок максималната температура ќе се искачи до 43 степени.
Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), под влијание на топол бран следува период на стабилно и многу топло време со дневни температури во поголемиот дел од земјава над 35 степени, а утринските во Скопје и во јужните делови нема да се спуштаат под 20 степени.
И за викендот ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 24 степени, а максималната од 34 до 41 степен. УВ индексот ќе изнесува 9.
Владата издаде препораки за наредните денови. Меѓу нив се:
- Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;
- Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот;
- Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
- Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17часот;
- Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници.
Според препораките од Министерството за здравство, граѓаните не треба да се изложуваат директно на сонце од 10 до 15 часот, да носат лесна облека, капа или шешир, како и крема со заштитен фактор.