Утре седница на Владата во Битола

Македонската влада утрешната редовна 159-та седница ќе ја одржи во Битола, во зградата на општината.
Од владата најавуваат дека ова ќе биде прва од низата седници кои во наредниот период ќе се одржуваат во различни региони во државата.
Со седницата ќе претседава претседателот на владата на Северна Македонија, Зоран Заев и на неа ќе присуствуваат сите министри, а како гости ќе учествуваат и градоначалниците од Пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар.
На оваа седница приоритет ќе добијат информациите и одлуките за проекти од непосреден интерес на граѓаните на овие општини.
За таа цел, во текот на денот, на седницата ќе ѝ претходат повеќе теренски активности.