Утре почнува производството на првиот електричен автомобил во Крагуевац


ФЦА Србија утре официјално ќе ја одбележи успешната реализација на проектот во фабриката „Стелантис“ во Крагуевац – воведување на нови линии и почеток на производство на електричниот модел „Фијат Гранде Панда“, јави дописникот на МИА од Белград.

Новиот модел е направен во две верзии – електричен и хибриден, а од Крагуевац прво ќе пристигне во Европа, а потоа на Блискиот Исток и во Африка.

„Мечето“ од Крагуевац припаѓа на автомобилите од Б сегментот со должина под четири метри и е прв во серијата модели на новото семејство кое секоја година ќе лансира нов модел до 2027 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно изјави дека прво ќе започне пробното производство, а за два месеца во фабриката во Крагуевац ќе започне и сериското производство на електрични автомобили.

Како што соопштија од компанијата, „Фијат Гранде Панда“ го означува враќањето на брендот „Фијат“ на светскиот пазар, а новиот автомобил е развиен врз основа на три клучни столба: италијански дизајн, глобална платформа и локална релевантност.

Во соопштението се наведува дека одржливоста, инклузивноста, едноставноста и убавината се вредностите што го оживеаја овој проект, додека дизајнот е инспириран од иконската „Панда“ од осумдесеттите години на минатиот век, како автомобил кој е општествено прифатлив за секого.

Цената на моделот „Фијат Гранде Панда“, ќе изнесува 25.000 евра за целосно електричната верзија. Основниот модел со електричен погон, како што наведуваат некои специјализирани српски медиуми за автомобилизам, со најавените државни субвенции би можел да чини околу 18.000 евра, за домашен модел од 7.000 евра.

-Почнувањето на производството на моделот во Крагуевац ќе го зголеми домашното производство на моторни возила и вработеноста, извозот на стоки и бруто домашниот производ, оцени претходно Иван Николиќ, научен соработник и директор за развојни проекти на Економскиот институт во Белград.