Уставниот суд избра претседател – Дарко Костадиновски


 

По малку неочекувано Дарко Костадиновски е избран за претседател на Уставниот суд во деветтата рунда на гласање. Судиите имале координација утрово и одлучиле да одржат седница на која Костадиновски ги добил потребните 6 гласа.

Костадиновски во минатото имаше повеќе политичка отколку правна кариера. Тој беше избран за судија во Уставниот суд на предлог на претседателот Ѓорге Иванов во јануари 2018 година. Тогаш Иванов заедно со него го предложи и беше избран и Осман Кадриу, за кого се гласаше вчера, но не го доби потребното мнозинство.

Дарко Костадиновски беше член на кабинетот на претседателот Борис Трајковски од 2001 година. Од 2006 година раководеше со одделението за Европската унија и НАТО во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. А потоа беше и во администрацијата на Ѓорге Иванов.

Во четвртокот и петокот пропаднаа шестте обиди да изберат нов претседател на Судот. Вчера судијката Ана Павловска-Данева ја повлече својата кандидатура, но нејзината противкандидатка Татјана Васиќ-Бозаџиева не се откажа, но сепак не го доби потребното мнозинство. Имаше пет гласа.

Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор. Мандатот на Дарко Костадиновски во Уставниот суд завршува во јануари 2027.