Уставниот суд ги прифати иницијативите на Лога, укинати три правилници и 8 прописи со пречекорен рок
Министерството за правда извести дека Уставниот суд , по 20-те иницијативи да се оцени уставноста на повеќе прописи објавени во спротивност со членот 52 од Уставот, донел одлука со која се укинати три правилници. За нив од страна на судот е “оценето дека при објава на истите недвосмислено произлегува дека е пречекорен уставниот рок за објавување предвиден во член 52 од Уставот, односно од страна на судот е оценето дека оспорените правилници не се во согласност со членот 51 и членот 52 од Уставот”.
Уставниот суд, според Министерството за правда, повело и постапки за оценување на уставноста на 8 прописи за кои беа поднесени иницијативи, а за кои судот оценил “дека е пречекорен уставно пропишаниот рок од седум дена за објавување во Службен весник на Република Северна Македонија поради што основано се поставува прашањето за уставноста на овие прописи односно нивната согласност со членот 52 од Уставот”.
Министерството за правда и министерот Кренат Лога ја поздравија објективноста и ефикасноста на Уставниот суд во врска со овие прашања.
Иницијативата на Лога беше испровоцирана од епизодата со т.н. етничка графа во личните документи кога Уставниот суд пресуди дека не може да биде воведена бидејќи бил пречекорен рокот за објавување во Службениот весник.