Успешен настап на младите шахисти на Алкалоид и на Мулти Есенс на државните првенства
Изминатиов викенд во Скопје се одиграа поединечните државни првенства во шах во младинска конкуренција, кои согласно категоризацијата на ФИДЕ се играа според возрасни групи, односно за учесници до 8, до 10, до 12, до 14, до 16 и до 18 години, посебно за девојки и за момчиња.
ШК Алкалоид во пресрет на првенствата организираше камп за своите напредни ученици, за конечно да се заокружи циклусот за оваа школска година со настапите на државните првенства. Оние кои настапуваа во категориите до 16 и 18 години се членови на ШК Мулти Есенс, бидејќи младинскиот клуб веќе со успех настапува во првата лига на Македонија и најуспешните играчи на овој начин ќе бидат достапни на тренерите за настап и во сениорска конкуренција.
Резултатски, најголем пробив јуниорите направија во кадетските конкуренции, па на тој начин го зголемија приносот на медалите.
– Одлични резултати за ШК Алкалоид на јуниорските шампионати на Македонија. Освоени се шест шампионски титули, една титула повеќе од лани и вкупно 17 медали. Лично сум задоволен со резултатите на нашите јуниори. За нивната борбеност, пожртвуваност и посветеност немам ниту една забелешка. Голема пофалба до моите колеги тренери од ШК Алкалоид, кои цела година работеа напорно, да пренесат знаење, мотивација и љубов кон играта. Бевме одлично организирани и сето тоа резултираше со една титула повеќе од лани. Позитивниот систематски пристап, работата и фокусот резултираат со врвни резултати. Продолжуваме со засилено темпо во иднина – изјави ИМ Дејан Стојановски.
Најуспешните ќе имаат можност да ја претставуваат нашата држава на Светските или Европските првенства за 2026 година, во своите категории.