Усје ќе треба да воведе нови технологии за прочистување со барањето за А-интегрирана дозвола
Во однос на цементарницата „Усје“, чија дозвола истекува на крајот на 2026 година, беше појаснето дека постапката за обновување ќе започне во март годинава, а за тоа дали новата дозвола ќе ја добие според новите критериуми или според старите, министерот рече дека во тој правец ќе се разговара со сите индустриски капацитети, да почнат со адаптација на новите услови, односно условите кои се бараат со новиот закон.
-И во врска со УСЈЕ, постапката за обновување треба да почне во март и тоа право на Министерството може и да го искористиме за иницирање на јавна расправа за текот или постапката за добивање на дозволата, каде јавноста ќе биде информирана за целата постапка. И УСЈЕ и сите други треба да го почитуваат законот и законот влегува на сила 20 септември, додаде Хоџа.
Тоа значи дека при барање на интегрирана дозвола, компаниите ќе мора да воведат најнови технологии со цел заштита на воздухот од евентуалните емисии кои ќе ги испуштаат при процесот на производство.
Сепак, на брифингот со новинарите Хоџа не го искоментира протестот на граѓаните, кои неколкупати досега ја блокираа крстосницата кај Цементарница УСЈЕ, а следниот е закажан за утре, што се претвора во марш од Влада, преку Собрание до Министерството за животна средина.
Во својот повик, иницијативата посочува и дека нема да се повлече, сè додека, како што тврдат, јавноста се уверува со бројки од мерења „кои ги прави самата фабрика“.
Наспроти овие обвинувања, од цементарницата ТИТАН Усје претходно реагираа дека работат согласно домашната регулатива и дека имаат континуиран 24-часовен независен мониторинг на емисиите, со јавно достапни резултати од мерењата. Од компанијата тврдат дека во изминатите шест години инвестирале над 36 милиони евра, од кои дел биле за унапредување на заштитата на животната средина, и дека не ги надминуваат граничните вредности утврдени во дозволите.
А-интегрираната дозвола на УСЈЕ истекува во март 2027 година, а најдоцна до март годинава треба да поднесат барање за продолжување на истата.(Б.Б.)