Ураганот Анри го прекина големиот концерт „Го сакаме Њујорк“ за повторното отворање од пандемијата


Настанот беше нагло прекинат среде настапот на Бери Манилоу – додека бурата и грмотевиците се надвиснаа над Големото јаболко

 

Концертот „Го сакаме Њујорк“ синоќа беше прекинат откако ураганот Анри го погоди подрачјето на Централ парк во Њујорк, каде што илјадници посетители и голем број музички ѕвезди, меѓу кои Брус Спрингстин, Пол Сајмон, Пати Смит, Сантана, Андреа Бочели и други, се собраа да го одбележат повторното отворање на Големото јаболко.
Посетителите на концерт го проследија првиот дел од концертот, на кој започна со настапот на Симфонискиот оркестар на Њујорк, по кој што следеа и настапите на Џенифер Хадсон, Бочели, Сантана , Поло Џи, Earth Wind & Fire, LL Cool J, Кејн Браун, Journey, Џон Батиста, а беше нагло прекинат среде настапот на Бери Манилоу – додека бурата и грмотевиците поради приближувањето на ураганот Анри се надвиснаа над Големото јаболко.

 

На посетителите на концертот им беше кажано во 19:37 часот по локално време (во 01:37 по средноевропско) да се упатат кон нивните возила или да најдат засолниште надвор од местото за настанот, додека Манилоу го пееше неговиот хит од 1978 година „Не можам да се насмеам без тебе“.

Можеше да се слушне најавувач како соопштува дека многу очекуваниот концерт е „откажан“.
Неколку моменти претходно, градоначалникот Бил де Бласио изрази оптимизам дека шоуто ќе продолжи. „Потребни ни се сите за краток временски период да се преселиме на безбедно место поради громови и молњи, а потоа ќе го вратиме концертот“, рече тој на микрофонот.
Некои посетители не се откажаа и останаа на просторот пред бината – се додека силниот дожд не го расчисти големиот тревник на паркот, каде што се одржуваше концертот.
Некои американски медиуми пишуваат дека дека градоначалникот тврдоглаво притискал шоуто да продолжи од 22 часот до полноќ, но упорните громови и молњи го направија тоа невозможно. Полициските службеници мораа да им помогнат на луѓето да излезат од паркот со комбиња, меѓу кои и една жена чија инвалидска количка остана без струја, велат извори.
Ураганот Анри, ураган од прва категорија, се очекува да го зафати подрачјето источно од Њујорк во недела. Невремето во саботата ја уништи надежта на градоначалникот да покаже триумфално враќање на Њујорк од пандемијата со концерт со учество на многу ѕвезди и други активности, бодрени од илјадници вакцинирани Њујорчани, на кои им беше дозволено присуство на забавата.

Бурата ги оневозможи настапите на Брус Спрингстин, Пол Сајмон, Елвис Костело, Пати Смит, Килерс, колумбиската поп -ѕвезда Малума, кои беа меѓу уметниците чие излегување на сценета во Централ парк со нетрпение го очекуваа околу 60 илјади посетители, но и љубителите на музиката во целиот свет, вклучувајќи и во Македонија, кои концертот во живо го следеа преку преносот на Си-Ен-Ен.
„Беше потребно многу работа од толку многу луѓе за да се состави ова шоу. Навистина е толку разочарувачки “, рече еден од учесниците на концертот.