УНХЦР: Повеќе од половина деца бегалци не одат во училиште


Швајцарија– Повеќе од половина деца бегалци низ светот не одат во училиште, објави денеска УНХЦР.

Од 7,1 милион деца бегалци на школска возраст, 3,7 милиони, односно повеќе од половина, не одат во училиште, наведува Агенцијата на ОН за бегалци во својот извештај „Интензивирање на напорите: Образованието на бегалците во криза“.

УНХЦР оценува дека препреките кои им оневозможуваат на децата бегалци да се образуваат се многу тешко совладливи во натамошниот период на растење на децата.

Во светот само 63 отсто од децата бегалци посетуваат основно училиште, во споредба со 91 процент од останатите деца, а 84 отсто адолесценти стекнуваат средно образование, во споредба со само 24 проценти од бегалците кои добиваат можност да одат во средно училиште.

– Училиштето е место на кое бегалците добиваат втора шанса. Ги изневеривме бегалците, бидејќи не им даваме шанса да изградат вештини и знаење, кои треба да ги вложат во својата иднина, изјави високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.

УНХЦР поради тоа ги повикува владите, приватниот сектор, организациите кои се занимаваат со образование и донаторите да ја поддржат финансиски новата иницијатива која има за цел да им овозможи средно образование на бегалците.

Собирањето помош за Иницијативата за средно училиште ќе биде главна тема на претстојниот Глобален форум за бегалците, кој ќе се одржи во декември 2019 година.