Унгарците приведоа Украинци кои превезуваа десетици милиони државни пари во кеш. Киев е бесен
Нова епизода од затегнатите односи меѓу Унгарија и Украина. Со две возила се превезувале 40 милиони американски долари, 35 милиони евра и 9 килограми злато од украинската државна Ошчадбанка во Австрија
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ја обвини Будимпешта дека ги „зела како заложници“ седумте вработени во украинската државна банка откако вчера беа приведени во Унгарија. Вработените во Ошчадбанка, државната украинска банка, беа приведени додека транзитирале пари меѓу Австрија и Украина со две банкарски возила, пишува „Киев индипендент“. Статусот на приведените лица засега е непознат.
Овие сериозни обвинувања доаѓаат во време на ескалација на тензиите меѓу Украина и Унгарија, една од земјите што се најмногу пријателски настроени кон Русија во рамките на ЕУ, и во контекст на спор околу прекинот на рускиот транзит на нафта. Сибиха објави на социјалната мрежа Икс дека официјалните причини за притворањето „сè уште се непознати“ и дека Киев испратил „официјална нота“ со барање за нивно ослободување.
„Зборуваме за тоа дека Унгарија зема заложници и краде пари. Ако ова е ‘силата’ што ја објави претходно денес г-дин Орбан, тогаш тоа е сила на криминална банда. Ова е државен тероризам и рекетирање“, напиша Сибиха.
Ошадбанка објави дека ГПС податоците покажуваат дека конфискуваните возила се наоѓаат во центарот на Будимпешта. Во соопштението за медиумите на украинската банка се наведува дека возилата содржеле 40 милиони американски долари, 35 милиони евра и 9 килограми злато.
Што велат Унгарците?
Унгарија тврди дека куририте на украинската државна банка се приведени под сомнение за перење пари, објави унгарската царинска служба.
Унгарските власти тврдат дека ги информирале своите украински колеги за покренување на постапката, но велат дека не добиле одговор.
Интересно е што унгарскиот премиер Виктор Орбан го посети Унгарскиот центар за борба против тероризмот (TEK) тоа утро – телото што подоцна ја спроведе операцијата, објавува „Јуропиан џастис“. Посетата беше претставена на јавноста како одговор на ескалацијата на Блискиот Исток и наводната терористичка закана. „Затоа мора да ја зајакнеме контролата врз патничкиот сообраќај што доаѓа во Унгарија од странство“, рече Орбан.
Истата вечер, службениците на TEK запленија возила за пренос на готовина кои легално патувале со голема количина валута, пишува „Правда“. Вклученоста на TEK во оваа операција е потврдена од неколку извори, а за тоа пишуваше и унгарскиот истражувачки новинар Саболч Пањи. И покрај вонредната природа на инцидентот, Унгарија сè уште не даде официјална изјава.
Инцидентот се случува во услови на спор околу гасоводот „Дружба“, кој ги снабдува Унгарија и Словачка со руска нафта и е надвор од употреба од крајот на јануари. Киев тврди дека причината е оштетување на енергетската инфраструктура во руски напад, додека Будимпешта и Братислава ја обвинуваат Украина за намерно блокирање на транзитот.
Унгарија го засили притисокот во последните недели, ставајќи вето на 20. пакет санкции на ЕУ против Русија и блокирајќи заем од 90 милијарди евра за Киев. Владата на Орбан ги продлабочи енергетските врски со Москва за време на војната, додека постојано ја попречуваше помошта за Украина.
На 5 март, унгарскиот премиер рече дека ќе употреби „политички и финансиски алатки“ за да го „присили“ гасоводот повторно да се отвори. Претседателот Володимир Зеленски, од друга страна, досега ја отфрли можноста. Аналитичарите ја поврзаа конфронтациската реторика на Орбан со претстојните парламентарни избори во април, каде што неговата партија Фидес заостанува зад опозициската партија Тиса на анкетите.
Народната банка на Украина, исто така, издаде соопштение во кое бара итно ослободување на притворените вработени. „Бараме од унгарските власти итно ослободување на украинските граѓани и официјално објаснување за причините за нивното притворање, како и обезбедување информации за локацијата на возилата за собирање и релевантниот товар“, се вели во соопштението.
Министерот Сибиха денес потврди дека на украинските конзули сè уште не им е дозволен пристап до вработените во банката. „Унгарската страна не даде никакво објаснување. Бараме нивно итно ослободување и ги подготвуваме следните чекори, вклучително и на ниво на ЕУ“, рече министерот.
Поради инцидентот, украинското Министерство за надворешни работи ги предупреди своите граѓани да избегнуваат патување во Унгарија од безбедносни причини.