УНЕСКО оцени дека нема прогрес околу заштитата на Охридскиот регион, одлуката се чека
Комитетот за светско наследство при Организација на Обединетите нации, иако оцени дека имало напори од страна на Македонија и Албанија да се заштити регионот на Охрид за да не биде прогласен за загрозено културно и историско наследство, смета дека тоа што било направено – не е доволно. Затоа, од двете земји се бара да го уверат Комитетот дека се сериозни во намерата да ги исполнат препораките дадени пред две години, а пред се да изработат заеднички Стратегиски план за обнова што треба да биде готов до 2022 година. Одлуката дали, и покрај тоа, ќе биде прогласен Охридскиот регион за загрозен или не, се уште се чека и ќе се знае во текот на денот.
Расположението во расправата се движеше од оценките дека ништо не е направено и дека состојбата се влошува, па до тоа дека би било контрапродуктивно ако се донесе одлука за овој регион како загрозено светско културно наследство. Притоа беше речено дека и натаму продолжуваат многуте штетни инфраструктурни проекти, дека продолжува да страда автентичноста на регионот, дека Охридскиот регион е нападнат од урбанизација и еколошко загадување, па и дека нема ни соодветен систем за справување со отпадот и генерално дека прогресот не е соодветен на она што се барало од двете влади кога ветуваа дека ќе го сменат трендот и ќе ги придвижат работите во спротивен правец.
-Многу од препораките не се имплементирани, а на некои е одговорено парцијално. Прогресот не е соодветен ни по обемот ни по сеопфатноста, беше оценето во расправата, со заклучок дека без јасен и договорен план нема да има запирање на негативниот тренд и регионот ќе биде загрозен уште повеќе. Преставничката на Норвешка дури оцени дека воопшто нема докази дека двете земји сакаат да ги заштитат Охрид, езерото и околината.
Преставничката на албанската влада рече дека ги ценат препораките на Комитетот и дека не престанале со државните напори за заштита на регионот, и покрај епидемијата со Ковид 19.
Министерката Ирена Стефкоска повтори дека сме целосно посветени да ги исполниме препораките и дека сме подготвени да ги интензивираме. Таа наброи некои постигнувања, како запирање на изградбата на пругата до Струга, ослободување на езерото од илегални градби на плажите, проширување на колекторот за прочистување на водата…и побара повеќе време од Комитетот на ОН за да ги исполниме сите барања.